Фото: Игор Бансколиев

Сѐ поголем број глобални медиумски куќи отвораат или веќе имаат свои претставништва на Балканот. Така, во регионот се присутни „Блумберг“, Си-ен-ен, ТРТ, „Анадолија“, Би-би-си, „Спутник“, „Русија денес“, „Дојче веле“, „Гласот на Америка“, Радио Слободна Европа (РСЕ), Ал џезира и уште редица други новински агенции или ТВ-куќи. Светските суперсили изминатиов период директно, преку медиумите, се обидуваат да ги пренесат своите политички пораки во регионот, но и да ги претстават глобалните случувања на свој начин, а дополнителен мотив за тоа е балканскиот медиумски пазар, кој има над 40 милиони луѓе лоцирани во десетина земји

ТРКА ЗА ШИРЕЊЕ НА ВЛИЈАНИЕТО И ОСВОЈУВАЊЕ НА ПАЗАРОТ

Глобалните медиумски куќи, кои се гиганти во новинарскиот бизнис, сѐ почесто се одлучуваат да отвораат свои филијали и претставништва на Балканот. Најнов ваков пример беше забележан изминатата недела, кога медиумите од регионот информираа дека американскиот медиумски гигант „Блумберг“ во своја филијала во Белград, именувана „Блумберг адрија“, ќе започне да објавува информации и вести со мултимедијална содржина.
Се најавува и дека овој глобален медиумски гигант ќе отвори свои канцеларии и во Македонија, Хрватска, Словенија и во Босна и Херцеговина.
Според соопштението на „Блумберг“, балканскиот медиум ќе публикува економски анализи заедно со релевантни вести и информации на повеќе теми што се актуелни во регионот.
Натаму, годинава свое претставништво во Македонија, но и во регионот отвори и турската телевизијата ТРТ, чија програма со главен центар на редакцијата е во Сараево. Дополнително, за потсетување е и дека Турција во регионот медиумски е присутна и со своите претставништва во сите балкански земји на новинската агенција „Анадолија“.
Во изминатите неколку години, во регионот свои претставништва отворија и американската телевизија Си-ен-ен во соработка со балканскиот бренд Н1 лоциран во Белград, кој ги покрива државите од некогашната Југославија, како и со каналот Њуз 7 од Бугарија. Британската Би-би-си, по долги години отсуство веќе трета година од Белград емитува содржини на интернет-страницата на балканскиот сервис. Во истиот град се лоцирани и руската новинска агенција „Спутник“ и телевизијата „Русија денес“. На просторите од некогашна Југославија, регионална програма за Балканот во која се емитуваат и содржини за Македонија емитуваат и „Дојче веле“, „Гласот на Америка“, Радио Слободна Европа (РСЕ).

Освен американски и руски медиумски гиганти, веќе осум години тука е нивниот информациски ривал што доаѓа од Блискиот Исток, телевизијата Ал џезира. Минатата година катарската телевизија најави дека планира да ги мине границите на некогашна Југославија и да се шири на целиот Балкан. Центарот на сервисот е во Сараево, а тој се храни и со информации што доаѓаат од помалите студија во Македонија, Хрватска и во Србија. Ал џезира е основана во 1996 година и се фокусира на Блискиот Исток и на просторот на арапското говорно подрачје, кое целосно го покри. Свесни за својот потенцијал, во 2003 година отвораат веб-страница на англиски, а по три години почнаа и програма на англиски, која се емитува од Доха, Куала Лумпур, Лондон и од Вашингтон.
Во врска со ваквиот сѐ понагласен интерес на глобалните медиумски куќи за Балканот, регионалните и домашните познавачи на состојбите со кои се консултиравме велат дека мултилатералниот свет и нарушените релации на светските големи играчи се судираат и во медиумската сфера. Тие додаваат дека битката за влијание врз државите во регионот, освен преку политиката и економијата се врши и преку медиумите, па токму затоа во последниот период во регионот се отвораат канцеларии на голем број новинарски глобални брендови.
Причината за тоа, велат експертите, е што светските суперсили изминатиов период директно, преку своите медиуми, се обидуваат да ги пренесат своите политички пораки во регионот, но и да ги претстават глобалните случувања на свој начин, а дополнителен мотив за тоа е балканскиот медиумски пазар, кој има над 40 милиони луѓе лоцирани во десетина земји.

Комуникологот Бојан Кордалов во свој осврт на случувањата вели дека зголеменото присуство на глобалните медиумски играчи во нашиот регион, а со тоа и во земјата се должи на фактот дека живееме во време на глобализација.
– Јас лично сум поборник дека средиштето на развојот на овие случувања има пред сѐ економска димензија. Пазарот е тој што го мотивира ширењето на глобалните медиуми и на Балканот, а така генерално е и во сите точки во светот, не само на Балканот – вели Кордалов.
Тој резимира дека овие настани, доколку се случеле триесетина години претходно би можеле да имаат геополитичка и безбедносна дилема, но во време кога живееме со интернетот и во период на глобализацијата тука нема ништо спорно.
– Балканот, а со тоа и Македонија отсекогаш биле место каде што се судирале сите глобални влијанија. За нашиот регион е добро да има што повеќе медиуми и да има што повеќе медиумски куќи, кои во новинарството на Балканот ќе практикуваат различни уредувачки политики мотивирани од различни геополитички определби – резимира комуникологот.
Александар Бечиќ, пак, српски новинар и уредник на Колумниста.ком, вели дека мешавината на народите, што некогаш ги красеше просторите на бивша Југославија, е привлечна за разни активности за ширење на медиумското влијание.
– Со процесот на глобализација на општествата се стигна и до глобализација на медиумите – посочува Бечиќ.

Тој додава дека е нормално што постои интерес кај странските медиуми за Балканот, зашто овој регион е од големо економско, политичко и безбедносно значење за светот.
За Бечиќ, ваквиот тренд во најголема рака им е од корист на регионалните новинари, бидејќи на таков начин растат нивната цена и побарувачка за оваа професија.
Од друга страна, тој истакнува дека огромните медиумски куќи пазарно не зависат од регионот и тие би можеле негативно да влијаат врз локалните медиуми, па дури и да претставуваат нелојална конкуренција.
Тој потсетува дека светски познатите медиумски куќи некогаш од студија оддалечени илјадници километри известуваа за случувањата во регионов и во светот, но денес тоа го прават директно од местото на геополитичките превирањата, какво што очигледно е и Балканот.

[email protected]