Оние што се обиделе телефонски да закажат термин за фотографирање за вадење нови лични документи, како лична карта или пасош, кажуваат дека имале повеќе неуспешни обиди

Вработените во МВР имаат полни раце работа околу издавањето лични документи поради, како што објаснуваат, зголемениот број барања во овој период, додека граѓаните се сѐ понервозни од бавните процедури, кои, според некои од нив, често го пробиваат законски предвидениот рок.
Оние што се обиделе телефонски да закажат термин за фотографирање за вадење нови лични документи, како лична карта или пасош, на добро познатите броеви 072 92 92 92 и 0800 192 92, на кои се закажува исклучиво од фиксен телефон, кажуваат дека имале повеќе неуспешни обиди. Останувале, како што велат, со слушалката в рака подолго време, слушајќи ја многупати телефонската секретарка од другата страна како им вели: „Во моментов сите оператори се зафатени, ве молиме почекајте“.

Па, така, тие што се обиделе уште на 25 август да добијат термин за изработка на лични документи успеале да закажат дури за 15 септември, и тоа само затоа што инсистирале и барале што е можно побрзо да им се закаже за фотографирање. Инаку, најпрво им бил понуден термин на 30 септември. Некои од овие граѓани велат дека поради истечена важност на личните документи сега се спречени и не можат да извршат никакви уплати во банките или да завршат какви било други обврски за кои им е потребна валидна лична исправа, во случајов лична карта. Законот, пак, вели дека за изработка на нова лична карта терминот се закажува 30 дена пред истекот на старата лична карта.
– Штом се вратив од годишен одмор, си реков веднаш да закажам за нова лична карта од домашниот фиксен телефон, бидејќи не можев од мобилен додека бев на одмор. Се јавив на 25 август и се изначекав додека да ми се јави оператор.

Се изненадив кога ми закажаа термин за фотографирање на 30 септември, па побарав нешто порано и добив на 15 септември. Тоа и не е многу брзо, бидејќи ќе поминат сигурно уште петнаесетина дена откако ќе ме фотографираат додека ја подигнам новата лична карта, ако не и повеќе. Немам ниту пасош, а со истечена лична карта не можам да уплатам рата кај извршител, па ќе мора тоа да го направи некој од моите од семејството со важечка лична исправа – вели Никола К. од Скопје.
Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека во овој период имаат зголемен број барања за изработка на лични документи.

– Во летниот период бројот на поднесени барања е зголемен, но и покрај тоа граѓаните од денот на поднесување на барањата во законски рок ги добиваат готовите лични документи. За вадење пасош, доколку граѓанинот бара побрзо да извади патна исправа, може да поднесе барање по итна постапка и ќе му биде издадена во законски рок. Исто така, и за редовна постапка се запазува рокот од денот на поднесувањето до нивното издавање. Личните карти и пасошите од денот на поднесувањето на барањето или од фотографирањето, се издаваат во законски утврден рок. На ниво на Македонија закажувањето се одвива нормално, и тоа за еден ден се закажуваат термините, освен во Одделението за управни работи Скопје – велат од МВР.

Од Министерството уверуваат дека личните документи се подготвуваат дури и порано од законски утврдениот рок.
– Личните карти и патните исправи се издаваат во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето или, поконкретно, од фотографирањето. Исто така, сите лични документи се подготвуваат порано од утврдениот законски рок. Пасош и возачка дозвола по итна постапка се издаваат во рок од 48 часа од денот на фотографирањето – информираат од МВР.
Инаку, освен по телефон, граѓаните за лични документи може да закажат и електронски на адресата http://termin.mvr.gov.mk.