Фото: Маја Јаневска-Илиева

По последните случувања околу бегството и враќањето на Мијалков, се огласи и меѓународната заедница. Британската амбасадорка Рејчел Галовеј јасно порача дека е потребно да се врати довербата на граѓаните во институциите. Укажувања за високо ниво на корупција и партизираност на институциите имаше и претходно, што дополнително го отежнува нашиот пат кон ЕУ. Што треба да се направи за да се зајакнат капацитетите на институциите и да се врати довербата во нив

Дипломатите предупредуваат на пад на имунитетот на институциите

Лошото владеење на политичките гарнитури изминатите речиси 30 години, масовната партизација, притисокот и влијанието врз институциите, широко распространетата корупција и уште редица други фактори доведоа до тоа граѓаните сѐ повеќе и повеќе да ја губат доверба во институциите.
Последните настани во државата со бегството и враќањето на Мијалков, мешањето во ингеренциите на судската власт и непочитувањето на уставното начело за поделба на власта на законодавна, судска и извршна, селективната правда, лошото менаџирање со набавката на вакцини, загадувањето што со години им го уништува здравјето на граѓаните, но и редица други избрзани или лоши потези и одлуки целосно ја урнисаа и онаа малку доверба што ја имаа граѓаните во дел од институциите.
Потврда дека состојбата со довербата во институциите е исклучително лоша пристига и од меѓународниот фактор.
– Мислам дека треба да се почитува правото и треба да се има поголема доверба од граѓаните во институциите во земјата и затоа мислам дека е важно да се обрне особено внимание на решавањето на овој тип случаи за граѓаните да стекнат поголема доверба во институциите – порача неодамна британската амбасадорка во земјава Рејчел Галовеј.
Она што сега како генерална перцепција постои во македонското општество е дека ништо не функционира и дека не може да им веруваат на институции што се целосно партизирани, а згора на тоа и корумпирани.

Во вакви околности клучното прашање што се наметнува е како да почне да се враќа довербата во државата и уште повеќе во нејзините институции.
– Според моето мислење, изминатите 30 години сите владејачки структури многу лошо владееја во Македонија. Ама буквално сите. Многу ветуваа и брзо откако ќе дојдеа на власт ги напуштаа принципите. Тоа доведе да се загуби довербата во институциите – вели универзитетскиот професор Живко Андревски.
Според него, лошото владеење што несоодветствува ниту на потребите на граѓаните, ниту на потребите на општиот развој, ниту на потребите на некакви проекции и големи идеи што ние ги имаме во евроинтеграциите и интеграциите во развиениот и демократски свет, во територијално мала држава како Македонија брзо се почувствувало.
Професорот Андревски смета дека сепак довербата во институциите на државата може да се врати за релативно краток период.
– Довербата би можела да се врати за еден период, кој би бил активистички пополнет со настани и со елементи на доверба за период од шест месеци до една година. Но тоа мора да има континуитет. Потребно е институциите да се однесуваат така како што се нивните законски надлежности. Секоја институција има функција во општеството што е дефинирана со уставноправниот систем, законскиот систем и другиот општествен поредок. Тоа се постигнува со строго почитување на правата, надлежностите и обврските, на поголеми и помали теми. Мора да се појави таа вертикала.

Не може за крупни прашања да бидеме правна држава и да владее правото, а на ситни прашања да гледаме низ прсти. Значи напротив, треба да се создаде една таква идеја на постапка што ќе ги почитува сите висини на тешкотија – појаснува Андревски.
Тој уште додава дека клучно за враќањето на довербата ќе биде и јавното мислење, кое ќе треба да се приспособува кон тоа дека институциите и државата ќе работат во полза на граѓаните и развојот на општеството.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека за враќање на довербата на граѓаните во институциите сепак ќе биде потребно повеќе време.
– Враќање на довербата во институциите не е брз процес и тоа ќе каска зад реалното средување на институциите. Прв и неопходен услов е институциите навистина да почнат да функционираат како што треба. Значи, да се забрза процесот на функционирање на институциите, нивната транспарентност, нивната отчетност, значи реално да може да се следи што се случува со сите тие документи, дозволи и потврди што им требаат на граѓаните и воопшто на институциите – вели Арсовски.
Според него, дури откако ќе се случи тоа, по некое време ќе почне да се враќа довербата.
– Довербата лесно се руши, но тешко се стекнува. Ќе треба време. И тревата на терените на Вимблдон е зелена и убава бидејќи се коси и полева постојано, но тоа е процес што трае 200 години – сликовито појаснува Арсовски.
Тој заклучува дека институциите најпрво треба самите да се средат внатре, а потоа полека да се работи на довербата.
Универзитетската професорка Мирјана Најчевска истакнува три моменти што се клучни за враќање на довербата во институциите.

– Треба да се направат многу драстични резови. Прво институциите треба да почнат да функционираат како институции, а не како филијала на партиите. Не смее администрацијата да се менува со секоја промена на власта туку треба да се гради соодветна структура во секоја институција што ќе го овозможи континуитетот. Тоа е поврзано со вториот елемент, а тоа е институционалното помнење. Кај нас секоја институција како да почнува со работа од моментот на доаѓање на некоја структура, па сè што било претходно се заборава и се почнува одново, па ние никако да тргнеме повеќе од градењето темели – вели Најчевска.
Таа додава дека трет елемент важен за враќањето на довербата на граѓаните во институциите е одговорноста.
– Мора да има лична одговорност, но и командна, односно хиерархиска одговорност што ќе биде видлива, што ќе биде осмислена и нема да биде поврзана со претходното владеење на некоја политичка структура, туку со актуелната политичка структура и нејзиното владеење – истакнува Најчевска.