Наставата од дома и одлуката на Владата за враќање на работните места се причина на пазарот на трудот да има зголемена побарувачка за дадилки. Но освен тоа, родителите бараат и лични и образовни асистенти што работат со деца со посебни образовни потреби во домашни услови. Се бараат асистенти во зависност од потребата на детето. Ако станува збор за детенце со интелектуални пречки во развојот, тогаш родителите повеќе бараат образовни асистенти со високо образование. Ако станува збор за деца со физички попреченост, тогаш родителите бараат лични асистенти за кои не е задолжително да имаат високо образование

ОНЛАЈН НАСТАВАТА И ВРАЌАЊЕТО НА РАБОТНИТЕ МЕСТА ЈА ЗГОЛЕМИЈА ПОБАРУВАЧКАТА ЗА ДАДИЛКИ

Учењето од дома, силната претпазливост и превенција од ковид-19, но и одлуката на Владата сите мајки што користеа продолжено породилно отсуство да се вратат на работа, предизвика да се зголеми побарувачката за дадилки. Иако родителите на деца од прво до трето одделение имаат право да изберат меѓу настава со физичко присуство и онлајн настава, сепак, поради ризикот од вирусот, многумина одлучија децата да следат настава од дома, а додека се тие на работа, децата да ги чуваат дадилки, нешто што е изразено токму во овој период кога се носат одлуки за тоа како ќе се функционира од 1 октимври, кога започнува новата учебна година.
„Нова Македонија“ анализира каква е состојбата со побарувачката за дадилки и негователки за деца, на која возраст најчесто се бара тие да бидат ангажирани и дали понудата е иста колку и побарувачката за овие луѓе.
Сања Аризанов – консултантка во „Бебистинг центар“, вели дека значително е зголемена побарувачката на родителите за дадилки што треба да чуваат и да се грижат за деца што одат на училиште.

– Ние работиме како платформа, односно од оваа година некаде од мај работиме како дигитална платформа. Барателите имаат можност самите да проверат и да го побараат она што им е потребно во системот на згрижување деца. Родителите го прават тоа на бејбиситинг.цом.мк. Морам да кажам дека има зголемен интерес од родителите генерално во овој период. Во изминатите години родителите најмногу се јавуваа во август обично, пред почетокот на учебната година, зашто тогаш се вратени од одмори, им треба дадилка за децата. Но годинава е интересно тоа што бараат дадилки за деца што се поголеми – вели Алексов.
Ако во изминатите години се барале дадилки и негователки за деца на возраст од девет месеци, па до две години, сега интересот е голем за поголеми деца, кои веќе се во училишната возраст, односно деца над пет, односно шестгодишна возраст.
– Побарувачката најчесто е за оние семејства што се имаат решено за следење онлајн настава. Тоа се гледа преку протокот на самата платформа, по начинот на регистрација. Дадилки всушност се лицата што работат во домашни услови, а барања има и за ангажман на негователки што ги чуваат децата или во домот на семејство и во сопствен дом – информира Алексов.

Освен тоа, родителите бараат и лични и образовни асистенти што работат со деца со посебни образовни потреби, во домашни услови. Се бараат асистенти зависно од потребата на детето. Ако станува збор за детенце со интелектуални пречки во развојот, Алексов вели дека тогаш родителите повеќе бараат образовни асистенти, а тоа се луѓе со завршено високо образование. Ако станува збор за деца со физички попреченост, тогаш родителите бараат лични асистенти, за кои не е задолжително да имаат високо образование.
– Ние функционираме од 2013 година. На платформата родителите самите можат да ги гледаат профилите на дадилките, можат да прочитаат препораки, искуство, па ако имаат потреба директно контактираат со нив. Ние сме ресурс преку кој родителите можат да дојдат до тие личности – вели Алексов.
Во согласност со новите правила, настава со физичко присуство од 1 октомври ќе следат децата од прво до трето одделение, иако и нивните родители имаа право да одберат дали ќе ги пуштат децата на училиште. Мнозинството основци и средношколци, односно учениците од осум до 18-годишна возраст, настава ќе следат онлајн преку националната платформа.

Две министерства излегоа со одлуки што во еден дел не се совпаѓаат, не се доволно усогласени, при што засегнатите родители во периодот додека се регулира правната празнина што создава проблеми во практиката, мораат да се снаоѓаат на начин што за секој од нив ќе биде најприфатлив и најсоодветен. Имено, Министерството за образование и наука одлучи учениците да учат онлајн, а од друга страна, Министерството за труд и социјална политика наложи сите родители да одат на работа. Затоа и бурно се отвори прашањето во јавноста за „поддршката од државата за децата што се во ситуација сами да следат настава и да работат од дома“. Засега, преодното решение што направи дефицит на дадилки на пазарот на трудот е токму нивниот ангажман. Но дали е тоа вистинското решение?