Битолчанецот Димитар Илиевски-Мурато сонуваше да ги освои сите највисоки врвови во светот. Откако претходно се искачи на многу врвови, тој во 1989 година се искачи и на Монт Еверест, Покривот на Светот. Својата љубов кон планините тој им ја всади и на своите деца. Денес неговиот син Јонче е искусен планинар, кој оди по патеките на својот татко Диме

И ПО 32 ГОДИНИ ОД ПОДВИГОТ И ТРАГЕДИЈАТА НА МОНТ ЕВЕРЕСТ

Деновиве се навршија точно 32 години од најголемиот подвиг, но наедно и голема трагедија што им се случи не само на битолскиот и македонскиот алпинизам и планинарството туку и на македонскиот спорт воопшто. На 10 мај 1989 година, Македонија ја слушна радосната вест што со нетрпение ја исчекуваше дека битолчанецот Димитар Илиевски- Мурато, како член на Југословенската хималајска експедиција, заедно со Стипе Божиќ и Виктор Грошељ, се искачи на Покривот на Светот. Веста дека Диме се искачи на Монт Еверест (8.848) предизвика ерупција од воодушевување во Битола. Пред куќата на Димитар Илиевски-Мурато веднаш почнаа да се собираат планинари, спортисти, соседи, кои на членовите на неговото семејство им го честитаа успехот. Но неколку часа подоцна, најголемата радост се претвори во најголема тага. Од базниот логор на Монт Еверест стигна загрижувачка и страшна информација дека по искачувањето на врвот, откако експедицијата се слушнала со Диме, се изгубиле врската и контактот со него. И покрај сите напори на водачот на експедицијата Јован Поповски да воспостави комуникација со Диме, тоа не му успеваше. Кога подоцна во базниот логор се вратија Стипе Божиќ и Виктор Грошељ, се заклучи дека Диме при враќањето се има изгубено.

Знаејќи го Диме и особено неговата извонредна физичка и психичка подготвеност, сите во експедицијата беа убедени дека Диме ќе се врати и дека секој момент ќе се појави во базниот логор. Но, за жал, од Диме и наредните неколку дена немаше ни трага ни глас. Подоцна експедицијата со тешка тага и болка во душата се спакува и се врати во Македонија. Димитар Илиевски-Мурато остана засекогаш на пладнината што толку многу ја сонуваше и сакаше. Но сеќавањата за него никако не исчезнуваат.
Иако поради пандемијата на коронавирусот меморијалниот планинарски марш „Димитар Илиевски-Мурато“ по вторпат беше одложен, сепак стотина планинари од Битола и од Прилеп на своја рака се искачија на Антена и пред неговата биста, на Димев Врв, му оддадоа почит на Димитар Илиевски- Мурато. Тој живее во спомените и сеќавањата не само кај членовите на неговото семејство туку и кај сите планинари во Битола, Македонија, бивша Југославија и пошироко. Тој живее во легендите и песната што групата „Бубамара“ ја испеа за него. Димитар Илиевски-Мурато беше вљубеник во планината, а особено во Пелистер, кој беше негов втор дом. Додека неговите врсници и другари слободното време го користеа да прошетаат во Градскиот парк, тој секој слободен момент го користеше да се искачи на Пелистер или, како што милуваше да каже, да тркне до Антена. За него искачувањето на Пелистер беше секојдневие и обична разонода. Уште како млад планинар ги освои сите највисоки врвови во Македонија и пошироко. Потоа се искачи на Мон Блан, Мосул, па Аконкагва, врвот Матахаран. Тој работеше на Антена, каде што беа предавателите на МРТВ на Пелистер. Откако ќе се јавеше на работното место, тој постојано „тркнуваше“ до Копанки, да се поздрави со вработените и планинарите, за потоа да се врати на работа на Антена. За него планината и Пелистер беа сѐ на светот. Иако се имаше искачено на сите врвови во светот, негов животен сон беше да се искачи на највисокиот врв на светот, Монт Еверест. Точно на 10 мај 1989 година, по 15 часа искачување, се оствари сонот на Диме. Извонредно физички подготвен, тој заедно со Словенецот Виктор Грошељ и Хрватот Стипе Божиќ, се искачи на Покривот на Светот.

Сѐ уште кај љубителите на алпинизмот во Македонија одекнуваат неговите зборови кога по радиостаница Диме им се јави на членовите на експедицијата во базниот логор и кога го прашаа како е, тој им одговори: „Многу убо“. Велат дека Диме, воодушевен од глетката на самиот врв на Монт Еверест, се заборавил и се задржал повеќе отколку што требало. По речиси еден час престој, Диме со тешко срце се разделил од врвот. Судбината сакаше тој извесно време подоцна засекогаш да остане на Хималаите. Подоцна во јавноста се јавија неколку шпекулации дека наводно телото на Диме го забележале некои алпинисти на Хималаите. Но дали бил и каде бил забележан Диме никој не знае.
Искусните планинари велат дека Хималаите по пространство се колку осум поранешни Југославии. На Хималаите има дури 14 врва високи над 8.000 метри, а над 30 врва над 7.000 метри. Статистиката покажува дека околу 30 отсто од алпинистите што се искачувале на Хималаите засекогаш останале на планината.Диме сонуваше да ги освои сите највисоки врвови во светот. Откако претходно се искачи на многу врвови во светот, тој во 1989 година се искачи на врвот Монт Еверест.
Својата љубов кон планината им ја всади и на своите деца. Неговиот син Јонче, уште кога имаше само девет месеци Диме, го стави во обичен ранец и го однесе на врвот на Пелистер. Денес Јонче е искусен планинар, кој оди по патеките на својот татко Диме. Тој е вработен на пунктот на МРТВ на Пелистер. Јонче денес е искусен планинар. Како и на неговиот татко Димитар, и нему животен сон му е еден ден да се искачи на врвот Монт Еверест. Тој во 2011 година го посети местото Дугла на Хималаите, каде што е и спомен-плочата што по патот до базниот логор за Монт Еверест на Хималаите, која ја постави Јован Поповски, водичот на експедицијата од 1989-та, чиј член беше и Мурато.

Кај Дугла, на 3.800 метри надморска височина, има споменици од речиси сите загинати на Монт Еверест, познати личности, шерпаси и други алпинисти. На самиот пат, на многу видно место, поставена е спомен-плочата за татко ми. Во моментот кога бев таму имаше заинтересираност од многу други експедиции што се искачуваа нагоре и застануваа и се фотографираа крај плочата, па така се пренесуваа информации за татко ми и за Македонија – рече Јонче.
При посетата на плочата, Јонче намерно побрзал 15 минути, да стигне пред бугарската експедиција со која се искачувал, за да може насамо да ги сподели чувствата. Крај споменикот оставил и фотографија од новите членови на семејството, поточно од внуците од двата сина, кои Мурато немаше среќа да ги запознае.
Од многубројните легенди за Мурато, една можеби е непозната за јавноста. Во еден момент кога бил на местото Црвени Стени на Пелистер, Диме паднал и се повредил. Тогаш него го нашол режисерот Милчо Манчевски, кој му помогнал на Диме да се врати дома во Битола. За него беше најавено дека ќе се прави музеј, но засега нема ништо од тоа. Но и без музеј и со музеј, нема човек, било да е планинар или не, што не знае сѐ за Димитар Илиевски-Мурато. Тој е легенда што вечно ќе живее.