Крајно загрижувачката состојба, особено по најавата на американскиот претседател Џо Бајден за жестока борба против корупцијата во регионот на Западен Балкан, а со тоа и во Македонија, кај дежурните набљудувачи на општествените состојби, но и кај обичните граѓани создаде дилеми во однос на тоа колку сериозно претставниците на власта ги сфаќаат пораките на сите домашни и меѓународни авторитети во однос на нејзината распространетост во овдешното општество и обемот на штетите што таа ѝ ги нанесува на Македонија, пред сѐ, во процесот на нејзиното евроинтегрирање, а потоа и во сите нејзини обиди за позиционирања во меѓународните организации и асоцијации

МЕЃУНАРОДНИТЕ ФАКТОРИ ИНСИСТИРААТ НА РЕШИТЕЛНА АКЦИЈА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА

На безбедна дистанца од вниманието на јавноста, на само „неколку“ часа од главниот град, во живописниот, и секако во летните месеци, за живот многу попријатниот Охрид, високите владини претставници и евроамбасадори, минатиот викенд работеа на усвојувањето на таканаречениот Регионален патоказ за борба против корупцијата и нелегалните финансиски текови. Крајно загрижувачката состојба, особено по најавата на американскиот претседател Џо Бајден за жестока борба против корупцијата во регионот на Западен Балкан, а со тоа и во Македонија, кај дежурните набљудувачи на општествените состојби, но и кај обичните граѓани создаде дилеми во однос на тоа колку сериозно претставниците на власта ги сфаќаат пораките на сите домашни и меѓународни авторитети во однос на нејзината распространетост во овдешното општество и обемот на штетите што таа ѝ ги нанесува на Македонија, пред сѐ, во процесот на нејзиното евроинтегрирање, а потоа и во сите нејзини обиди за позиционирања во меѓународните организации и асоцијации.
Имено, при последната владина реконструкција, назначениот вицепремиер за борба против корупцијата Љупчо Николовски, минатиот викенд ги собрал во Охрид странските амбасадори за да им каже колку Владата е решителна во борбата против корупцијата.
– Македонија има силна заложба во тој правец, токму борбата против корупцијата е еден од клучните приоритети на оваа влада во овој мандат и е на врвот на приоритетите, особено во 2021 година – им кажа вицепремиерот Николовски на амбасадорите.

На конференцијата, покрај Николовски, свои обраќања имаа и министрите за внатрешни работи и за правда Оливер Спасовски и Бојан Маричиќ…
– Секој почеток е тежок. Почетокот што го иницираме сега е доказ дека постои подготвеност и, пред сѐ, политичка волја за сузбивање на корупцијата и нелегалните финансии во регионот на Западен Балкан – нагласил министерот за внатрешни работи Спасовски.
За министерот за правда, Маричиќ, криминалот и корупцијата се меѓу најголемите предизвици со кои се соочуваат современите општества.
– Ако се осврнеме на разноликоста на организираниот криминал и корупцијата во сите нивни форми, како и на нивната позиционираност во високите слоеви во општеството, станува јасно зошто е широка распространетоста на оваа општествена девијација, опфаќајќи ги дури и институциите на прогонот и судовите со што дополнително се усложнува борбата со овој феномен – рече Маричиќ.
Токму тројцата клучни луѓе за борбата против корупцијата во актуелнава власт, викендов, имаа што да кажат на оваа тема, која, и според најавата на Бајден дека ќе ги санкционира генераторите на корупцијата во највисоките слоеви на власта во регионот и според сите релевантни истражувања, едноставно, ја парализира Македонија, иако дури и некои политички субјекти, кои се дел од владината коалиција, веќе подолго време укажуваат оти е неопходно од зборовите да се премине на делата.
– Демократскиот сојуз смета дека летниот период треба да се искористи и за изградба на заокружен и ефикасен систем за борба против тешките облици на криминал и високата корупција… – соопшти вчера, меѓу другото, Демократскиот сојуз, партијата на поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, која е дел од владината коалиција.

И граѓаните, викендов, во рамките на перформансот „Свири крај!“, организиран од Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), укажаа на огромните размери на корупцијата во која секојдневно се губат огромни износи државни, односно пари на граѓаните.
Стопанствениците, пак, во речиси сите нивни обраќања до јавноста го потенцираат проблемот на корумпираноста и неефикасноста на јавната администрација што ги забавува, па дури и целосно блокира, нивните деловни активности.
Но колку овој проблем во земјава се занемарува, можеби, најдобро објасни во една од неговите колумни за „Нова Македонија“ професорот Звонимир Јанкулоски, осврнувајќи се на сите можни интерпретации на документот што неодамна го потпиша Бајден.
– Кај нас политиката побрза овој документ да го толкува според своите желби. Па, така, власта побрза да го толкува како ветар во грб за исправноста на нејзините политики на надворешнополитички план, премолчувајќи ја борбата со корупцијата во која длабоко е загазена. Сепак, би ја посоветувал власта убаво да си ја препрочита извршната наредба, зашто многу лесно може да стане сериозна пречка за политичката и економската корупција што ја генерира во Македонија – напиша, меѓу другото, Јанкулоски.

Токму затоа и американската амбасадорка во земјава Кејт Брнз во изминативе две недели направи извонредни напори за да им објасни на одговорните владини функционери колку лошо корупцијата, а особено корупцијата во највисоките слоеви на власта, влијае врз општиот амбиент во државава и колку, иако не толку очигледно како другите пофорсирани теми, ѝ се заканува на нејзината безбедност. Најновиот обид, пак, го прави невладината „Транспаренси интернешнл – Македонија“ со проектот „Јакнење на капацитетите на институциите во борбата против корупцијата“, кој финансиски е поддржан од УСАИД.
– Проектот има намера да го зајакне владеењето на правото и транспарентноста преку соработка помеѓу институциите, да обезбеди техничка помош и зајакнување на капацитетите и соработката помеѓу Државната комисија за спречување корупција и Државниот завод за ревизија, како надзорни тела, и на Академијата за судии и јавни обвинители, која ги обучува идните судии и јавни обвинители, како институции одговорни за спроведување истраги и процесирање предмети – информираа од „Транспаренси интернешнл – Македонија“. Д.М.М.