Политичкиот аналитичар Даниел Сервер смета дека Македонија во јуни ќе ги започне преговорите за членство во Европската Унија и за пет години ќе биде при крајот на процесот за зачленување.

Сервер е професор по меѓународни студии на Универзитетот „Џон Хопкинс“ и добар познавач на работите на Балканот.

– Не сум во бизнисот со предвидувања, но сметам дека најреалистично е Македонија за пет години да биде при крајот на процесот за зачленување во ЕУ -изјави Сервер за МИА.

Додаде дека тоа ќе зависи многу од стабилизацијата на домашната политичка клима што би овозможило навремена имплементација на реформите.

– Во однос на зачленувањето во ЕУ, Македонија е исправена пред два предизвика, имплементацијата на „акис“ (општите права и обврски задолжителни во сите земји членки на ЕУ), како и независноста на судството.

Ако овие реформи, таканаречени потпорни столбови на една градба, бидат имплементирани на време, Македонија е на сигирен пат да стане членка на ЕУ -изјави Сервер.