Политичкиот аналитичар Даниел Сервер смета дека договорот што Македонија го потпиша со Грција не е само голем исчекор напред за двете земји туку и за целиот Балкан, јави дописникот на МИА од Вашинтон.

Во изјава за МИА Сервер укажа дека ако договорот помине и во двата парламента и на референдумот во Македонија „тоа ќе ја подобри стабилноста и ќе го направи регионот попривлечен за странски инвеститори“.

– Останаа уште две битни прашања поврзани со војната и мирот на Балканот, тоа е нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина и напорите да се создаде функционална држава во Босна. Вие сте многу поблиску до крајот на процесот за воспоставување мир во регионот отколку што се на неговиот почеток- истакна Сервер.

Даниел Сервер е професор на уноверзитетот Џон Хопкинс во Вашингтон. Тој е поранешен американски претставник во Босна во улога на медијатор помеѓу Хрватите и Босанците во преговорите за Дејтонскиот мировен договор. Во моментот ја предводи програмата за менаџирање конфликти на универзитетот и во последниве години беше доста критичен спрема ЕУ и повикуваше забрзување на процесот на евроинтеграција на земјите како Македонија, Босна и Косово.