Лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села денеска изјави дека за нив не е прифатливо да се формира комисија за помирување и оти поединците кои ги направиле злоделата на 27 април во Собранието треба да сносат одговорност.

Села во изјавата за медиумите во собранискиот прес-центар кажа дека сега, кога се отвораат евроинтеграциските процеси, треба да се направи договор за помилување на сите етнички заедници, без конкретно објаснување што всушност значи тоа.

– Помирување за што? Што би помирувале? Бидете јасни, бидејќи и Заев не е јасен. Никој што предлага вакви предлози не е јасен – рече Села кој продолжи да зборува за помилување наместо за помирување.

Според него, помилување се прави преку правниот систем, преку судовите.

– Ако се работи за општ национален консензус, сега кога се отвора страната на евроинтеграции и зачленување на земјата во НАТО, нашиот одговор е да тоа помилување треба да помине преку договор и помилување помеѓу сите етнички заедници кои живеат тука во Република Македонија. Ако се работи за отворање на темата договор меѓу Албанците и Македонците за еднаш засекогаш да ги затвориме отворените прашања, по принцип на тоа што значи вистинска консензуална демократија, тогаш би било некое помилување. А помилување поединци кои треба да одговараат за злоделата во оваа сала каде што зборуваме, мислам дека Алијансата на Албанците нема да учествува во такво нешто – рече Села.

Алијансата на Албанците, како што претходно беше најавено, ќе има свои предлози за уставни измени.

– Во целиот процес на Договорот со Грција, референдумот и уставните измени, ние бевме разумни и ги разбираме нашите сограѓани Македонци околу дебатата за идентитетот и јазикот. Поради исти причини повикуваме македонските политички партии да бидат разумни и да нѐ разберат. Албанскиот јазик не може да се вика и да се дефинира како јазик кој е различен од македонскиот јазик, туку тој е албански јазик. Нормално кога ќе дојде време ние ќе интервенираме со нашите амандмани за Уставот да овозможи права за Македонија да биде подемократска и да не биде злоупотребен само зборот мултиетничко општество, тоа треба да се одрази на Уставот – изјави Села.