Фото: Игор Бансколиев

Студијата опфаќа досега најшироко испитување на состојбата на оние што закрепнале од ковид-19, а прегледани се здравствените картони на 236.379 пациенти, од кои 33,6 отсто имале некое невролошко или психолошко нарушување во рок од шест месеци по оздравувањето. Анксиозност е дијагностицирана кај 17,3 отсто од пациентите

СТУДИЈА НА „ЛАНСЕТ“ ОТКРИВА ЗАГРИЖУВАЧКИ РЕЗУЛТАТИ

Невролошки и психички проблеми се дијагностицирани кај секој трет пациент што прележал ковид-19 во рок од шест месеци по закрепнувањето. Загрижувачкото истражување на „Лансет“ претставува уште еден доказ што укажува на тоа дека коронавирусот уште многу години ќе влијае на психичкото здравје на луѓето.
Во три психијатриски случаи, истражувачите споредиле какво е менталното здравје и какви се промените во симптомите на депресија, анксиозност, загриженост и осаменост пред и за време на ковид-19, меѓу луѓето со и без депресивни, анксиозни и опсесивно-компулсивни нарушувања.
Луѓето со депресија, анксиозност или, пак, опсесивно-компулсивни нарушувања биле повисоко оценети на сите четири скалила на симптоми, споредено со лицата што немале вакви ментални нарушувања. За време на пандемијата, тие не пријавиле зголемување на симптомите.Заклучоците на истражувањето се објавени во „Лансет психијатрија“ и откриваат дека е поголема веројатноста психолошките проблеми да се појават кај лицата што прележале ковид-19 отколку кај оние што имале некаква друга респираторна инфекција.
Студијата опфаќа досега најшироко испитување на состојбата на оние што закрепнале од ковид-19, а прегледани се здравствените картони на 236.379 пациенти, од кои 33,6 отсто имале некое невролошко или психолошко нарушување во рок од шест месеци по оздравувањето. Анксиозност е дијагностицирана кај 17,3 отсто од пациентите.
Психолозите уште од почетокот на пандемијата предупредуваа дека ситуацијата влијае на емоционалното и менталното здравје на сите, без оглед на возраста.

Д-р Стојан Бајрактаров, директорот на Клиниката за психијатрија, вели дека е очекувано да имаме и пандемија на криза на менталното здравје, и тоа преку различни видови експресии на посттрауматско стресно растројство.
– Ова растројство е сериозна психолошка состојба, која може да се развие откако ќе се доживее трауматичен настан во кој има сериозна закана по здравјето или животот, а што предизвикува силен страв, беспомошност или загрозеност – вели тој.
„Лансет“ наведува дека кај 0,6 отсто од пациентите дошло до крвавење во мозокот, 2,1 отсто имале мозочен удар, а 0,6 отсто имале деменција. Ризикот од болест на мозокот бил во согласност со степенот на тежината на заболувањето.
Невролошките ефекти се посериозни кај пациентите што биле хоспитализирани, но се чести и кај оние што се лекуваат само како амбулантски пациенти.

– Таа стапка прогресивно се зголемуваше како што се зголемуваше тежината на болеста ковид-19. Ако погледнеме пациенти што биле хоспитализирани, таа стапка се зголеми на 39 проценти – изјавил Максим Такет, соработник на Одделот за психијатрија на Универзитетот во Оксфорд и коавтор на новата студија.
Резултатите од студијата покажале дека мозочните заболувања и психијатриските нарушувања се почести по ковид-19 отколку по закрепнување од грип или други респираторни инфекции.
– Сега треба да видиме што ќе се случи по шест месеци. Студијата не може да ги открие вклучените механизми, но укажува на потреба од итно истражување што ќе ги идентификува за превенција или третман – рече тој.