Фото: Маја Јаневска-Илиева

Иако декларативно постојано се вели дека никој не смее да биде над законите, случајот со дивоградбите во Охрид, но и редица други слични примери во државата покажуваат дека сепак постојат структури за кои не важат законите и правната држава. Според аналитичарите, Македонија треба да ги почне преговорите со ЕУ и тогаш ќе биде под сериозен мониторинг од кој ваквите партиски пазарења нема да бидат можни

Дали партиско-коалиционите интереси повторно ги кочат правните механизми на државата за нејзиното нормално функционирање. Отсуството на правна држава, корупцијата, непотизмот, политичките пазарења, непочитувањето на законите, криминал, немање реформски капацитет, нерасчистувањето со урбаната мафија се забелешки кои се повторуваат со години наназад од релевантни домашни и странски фактори. Во моментов повторно се актуализира прашањето со дивоградбите во Охрид наспроти забелешките и барањата на УНЕСКО и јавноста. Но дивоградбите во Охрид се само еден сегмент од серијалот непочитување и узурпација на законите заради коалициски или политички интереси, појава што се практикува години, па и децении наназад од страна на речиси секоја владејачка гарнитура. Едноставно, до политичките шерифи, на локално или на централно ниво, не допира крикот на јавноста, ниту гласот на експертите.

Иако декларативно постојано се вели дека никој не смее да биде над законите, случајот со дивоградбите во Охрид и редица други слични примери во државата покажуваат дека сепак постојат структури за кои не важат законите и правната држава.

За домашните познавачи на состојбите ваквиот феномен на коалициски партиски пазарења на домашната политичка сцена на сметка на функционирањето на правната држава и законитоста не се никаква новина. Тие велат дека навидум случајот во Охрид со бесправното градење на угостителскиот објект на висок партиски функционер од ДУИ во центарот на градот и несанкционирање на инспекциските служби од страна на државниот апарат не е новитет, а државава памети многу вакви случаи во минатото. Според соговорниците, јавноста сѐ уште го памети случајот кога државата најавуваше дека ќе го урне Шпанското село уште од 2003 година, откако во јавноста се актуализираше проблемот со дивоградбите на Водно. Но и тогаш и во повеќе други наврати партиските пазарења ја заобиколија правната држава и законите. Јавноста ги памети и случувањата во регионот на Маврово, кога во минатото имаше наплив на дивоградби во викенд-населбите и од страна на властите дури се најавуваше и акција со багери за нивно рушење. Се разбира и од тоа потоа не испадна ништо. Има информации дека и делот од парк-шумата на Гази Баба, во делот кон Чаир, има дивоградби, како и за никнување на големи станбени објекти во делови предвидени како зелени појаси и слично.

Незаконската изградба на платформата на Матка веќе како да се подзаборави, или ја засенија нови и нови случаи на дивоградби и непочитување на законите.
Примери може да се редат уште многу, но решенија за нив сѐ уште нема.
Професорот Јове Кекеновски на оваа тема во изјава за „Нова Македонија“ коментира дека е срамно и жално што државава и по 30 години од нејзиното осамостојување не најде лек за овој проблем, кој е рак-рана во сите извештаи на меѓународните институции.

– Жално е што и по 30 години ниту една политичка партија или лидер не се издигна на ниво да каже дека се поважни националните отколку партиските интереси. За жал, сѐ што се прави, а посебно во легислативата и законитоста, се прави без оглед кој е на власт, за лично лукративни потреби. Кога во партиите ќе дојдат на власт „ненајадени“, тогаш тие гледаат само мотив како да се најадат и како да си овозможат полесно богатење, притоа заобиколувајќи ги законите и правата во земјава. Ниту една политичка партија досега од 91-та година, па наваму не излезе да ги осуди ваквите појави во општеството, со што де факто се злоупотребуваат позициите и одговорноста на институциите кога ќе дојдат на власт – вели Кекеновски.

Од друга страна, политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека интересот е на прво место од низата фактори кои влијаат за создавање на предизборни политички коалиции. Потоа следуваат идеологија, поларизација на политичкиот систем, изборната сила на партиите и изборните правила. Сѐ додека ние како општество не созрееме и не почнеме државните интереси да ги третираме како приоритетни, нема да можеме да напредуваме.
– Според мене, повторувањето дека треба да се случи правна држава понекогаш личи на тавтологија. Нешто што го мантаме, а не го спроведуваме во практика. Македонија треба да ги почне преговорите со ЕУ и тогаш ќе биде под сериозен мониторинг од кој ваквите партиски пазарења нема да бидат можни. Оставени сами на себе да се средиме во таа насока тешко дека ќе можеме да ги надминеме политичките пазарења и да ги применуваме државните интереси – оценува Арсовски.

Политичките аналитичари сметаат дека партиските смени кои се најавуваат на централно, но и на локално ниво би можеле да ја променат сликата за правната држава и функционирањето на законите, но доколку до тоа не дојде во скоро време – ништо нема да се промени на подобро.

Фото: Дарко Андоновски

Премиерот Заев најави рушење

Општината Охрид да постапи во согласност со законските одредби со дивоградбата на советникот во општината во центарот, порача вчера премиерот Зоран Заев и најави дека доколку не се постапи во согласност со законот, ќе ѝ бидат одземени надлежностите на локалната самоуправа.
– Законот мора да важи еднакво за сите. Така што апелирам до сите граѓани, па и до почитуваниот советник, господин Нефи, да ги отстрани дивоградбите што не можат да се легализираат, односно немаат никакво право за легализација, затоа што државата ќе ги тргне. Ќе ги тргнеме заради тоа што е загрозен Охрид со УНЕСКО, заради тоа што граѓаните реагираат, заради тоа што не е правда овде – рече Заев.
Тој додаде дека дивоградбите треба да се срушат оти се дивоградби и не можат да се легализираат по закон. Одговарајќи на новинарско прашање тој потврди дека веќе разговарал со градоначалникот на Охрид и дека очекува да постапи според законот.

[email protected]