Со имплементацијата на Охридскиот договор беа направени повеќе уставни промени и донесени повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања, од кои најголемиот дел (59) се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитетот, културата, образованието и децентрализација на власта

Денешниот датум, 13 август, воопшто не постои во листата на денови што би требало да се одбележуваат, како значајни за развојот на македонската држава, но 17 изминати години од потпишувањето на Рамковниот договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во Република Македонија во 2001 година, се прекратка историска дистанца во контекст на динамичните политички случувања за да се оцени неговата историска димензија. Уште повеќе што и 17 години по потпишувањето сѐ уште постои контроверзна поделеност во македонската политичка јавност за ефектите од неговото донесување.

По повеќедневно усогласување во Охрид, документот беше потпишан во Скопје, на 13 август 2017 година, од тогашниот претседател на државата – Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ – Љубчо Георгиевски и лидерите на СДСМ – Бранко Црвенковски, на ДПА – Арбен Џафери и на ПДП – Имер Имери. Во својство на гаранти, документот што е познат и како Охридски договор, го потпишаа и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју. Иако лидерот на ДУИ, Али Ахмети не беше меѓу потписниците на рамковниот договор, неговата парија, која всушност беше формално создадена по потпишувањето на договорот, е единствениот политички субјект во Република Македонија што го одбележува овој датум.

Со имплементацијата на Охридскиот договор беа направени повеќе уставни промени и донесени повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања, од кои најголемиот дел (59) се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитетот, културата, образованието и децентрализација на власта.

Како дел од имплементацијата на рамковниот договор, парламентарното мнозинство го третира и Законот за употреба на јазиците, кој беше изгласан во Собранието на Република Македонија во март годинава со 64 гласа „за“, без амандманска расправа. За него гласаа и пратениците од немнозинските заедници, кои со 24 гласа го донесоа законот. Сепак Законот за употреба на јазиците сѐ уште не може да стапи во сила, бидејќи претседателот на Р. Македонија, Ѓорге Иванов, не го потпишува указот за негово објавување во „Службен весник“.