Седницата на Владата, која првпат се одржа во Битола, им отвори дополнително работа на комуналците и на пајак-службата.

Пред одржувањето на седницата на Владата, Битола беше целосно исчистена и изгланцана како во централното така и во приградското подрачје. Улиците беа изметени и измиени уште од вечерта, а доста ефикасно работеше и пајак-службата, која мораше да ги отстранува сите (не)прописно паркирани возила пред општината, на булеварот 1 Мај во Битола. Седницата на Владата беше во центарот на вниманието не само на битолската јавност, туку и на соседните општини, Могила и Новаци.
Многумина битолчани со кои разговаравме го поздравија одржувањето на седницата на Владата, со надеж дека присуството на премиерот Зоран Заев и на министрите ќе го искористат да ги наметнат проблемите што треба да се решат во наредниот период со помош на Владата.

Од друга страна, некои битолчани сметаат дека оваа седница на Владата практично е само продолжување на (пред)изборната кампања на СДСМ и на коалицијата.
Инаку голем број министери вчера, во зависност од своите ресори, посетија голем број институции, здруженија, објекти…
До заклучувањето на ова издание на весникот стигна и веста од министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски, кој истакна дека приоритет на оваа влада се капиталните инвестиции во пелагонискиот регион.
– Само во ресорот транспорт реализиравме педесетина проекти или инвестиции од 146 милион евра. Завршивме со рехабилитација на петнаесетина регионални патишта, шест проекти за водоводи и канализации, а ја изградивме и пругата од Битола до Кременица – истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески при посетата на Битола.

Тој заедно со градоначалничката на општината Битола, Наташа Петровска, градоначалничката на општината Могила, Јасмина Гулевска, и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, извршија увид во реконструкција на регионалниот пат Битола – Тополчани – Прилеп.
– Денеска вршиме увид во изградба на капитални проекти што се реализираат во пелагонискиот регион. Еден од нив е и реконструкција на регионалниот пат Прилеп – Тополчани – Битола, инвестиција од речиси еден милион евра. Само во Пелагонија работиме на педесетина проекти и тоа: изградба на магистралниот гасовод од Неготино преку Прилеп до Битола, првата фаза од експресниот пат Градско – Дреново. Оваа недела почнуваме со реконструкција на постојната делница од Фариш до Дреново и тука најавувам дека ќе се работи со многу силно темпо, започнавме со проектирање за изградба на експресен пат Битола – Меџитлија, ќе се реконструираат патишта и во Крушево, Ресен и Прилеп, во тек е проектирање за истите тие и уште многу други со кои ќе им го подобриме животот на граѓаните – изјави Сугарески.