Иако ја отвори првата точка за Законот за Јавно обвинителство, собранискиот спикер, Талат Џафери 135 седница на Собранието ја презакажа за утре во 11 часот, откако за дискусија по точката се пријавија повеќе од 30 пратеници.

Седницата за законот за јавно обвинителство конечно почна со еден час задоцнување. Пратеникот Никола Мицевски се побуни дека надвор од секоја логика е седницата за започне во 22 часот, а пратениците цел ден да чекаат во Собранието.

– Цен ден не започнува седницата за да се уценуваат пратеници. Ова што го правите сега и изминативе три години, граѓаните го гледааат и на 12 април ќе бидете казнети за сите овие непринципиелни работи. Дали оваа седница треба да почне во 22 часот, кога цел ден сме овде во Собранието? Да се малтретираат пратниците цел ден, за седницата да почне во 22 часот е надвор од секоја логика – рече Мицевски.

За утре закажана е и седница на која треба да се разгледува разрешувањето на министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, како и за законот за неевидентирани лица. Во недела во 12 часот треба да се гласа за одлуката за распуштање на Собранието.