Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска ќе достави писма до Владата и до претседателката на Законодавно-правната комисија, со барањето од СДСМ за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување.

Џафери изјави дека со ова ќе започне собраниската процедура за барањето за автентично толкување, но истакна дека пленарна седница може да се закаже дури по завршување на дебатата за Буџетот на Комисијата за финансирање и буџет, односно по 11 декември.

Според подносителите, целта на автентичното толкување е да се спречат обидите за активирање на незаконските помилувања дадени од поранешниот преседател Ѓорге Иванов, поврзани со можната одлука на Уставниот суд за укинување на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година.

Уставниот суд во средата одлучи да поведе постапка за оценување на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016-та година. Членот 11-а му овозможува претседателот да повлече веќе донесена одлука за помилување, што би можело директно да влијае врз актуелните обвиненија и истраги, односно врз предметите што ги почна СЈО врз основа на прислушуваните разговори.