Фото: Маја Јаневска-Илиева

Умерените реакции во јавноста на официјалните македонски политичари на провокациите и темите за македонизмот, претпоставка е дека се промислени. Веројатно на глупоста на одредени политичари од соседството не треба да се наседнува, ниту одговара. Деновиве повторно јавноста беше сведок на нов став искажан од бугарски политичар: „Македонија може да влезе во ЕУ, но не и македонизмот, како антидемократска идеологија“. Целиот тој однос логично го наметнува прашањето дали, кој и зошто се плаши од македонизмот во ЕУ. Од тоа, дополнително произлегува и дилемата кога и пред кого во ЕУ ние треба да преземеме „контраофанзива“ со историската вистина и факти за македонизмот?

Спиралата создавана со децении од старите големодржавни синдроми на соседите во односите со Македонија добива нови „сѐ побрзи, поопасни и подлабоки завои“ во актуелниот политички контекст. Македонија, пак, во интерес на излегување од оваа „центрифуга“ на соседски аспирации, во изминативе три години потпиша билатерални договори токму со соседите, Бугарија и Грција, кои требаше да бидат основа за добрососедство, вредност што е вградена во основните принципи на ЕУ. Добронамерната претпоставка и идеја за ваквите договори се дека тие, врз принципите на заемно уважување по сите основи, како и рамноправност, ќе придонесат за (некакво симетрично) решение за надминување на разликите по одредени прашања што со децении (и векови) наизменично тлеат и се активираат во релациите меѓу соседите. Сепак, претпоставката за коректност и рамноправност во пристапот на формулирањето на овие добрососедски договори што ги потпиша Македонија, во голема мера, остана дискутабилна. И наместо надминување на овие состојби, тие рециклираа основа за условување и уцена на соседите, кои во нив пронајдоа нова шанса за остварување на своите вековни амбиции за деноминирање на Македонија, како национални, така и територијални.
Последната „епизода на добрососедство“, презентирана во Брисел, во телата на ЕУ, а придружена со паралелни провокативни изјави на бугарските политичари спрема Македонија, уште еднаш го повторува бугарскиот став дека „иднината на Македонија во ЕУ води само со прифаќање на бугарското минато“.

Во практична политичка смисла тоа значи дека Бугарија ќе ги блокира македонските евроинтеграции сѐ додека заедничката историско-образовна комисија (формирана како услов од Договорот за добрососедство) не утврди „заеднички споделена историја“, што, според бугарското гледиште, значи подведување на целата македонска историја до 1944 година и на македонскиот јазик под бугарски национален предзнак. Умерените реакции во недоречените одговори на официјалните македонски политичари на оваа тема создаваат впечаток за стабилна позиција на стариот бугарски став, искажан порано од бугарски политичар: „Македонија може да влезе во ЕУ, но не и македонизмот, како антидемократската идеологија“. Целиот тој однос логично го наметнува прашањето дали, кој и зошто се плаши од македонизмот во ЕУ? Од тоа дополнително произлегува и дилемата каква е иднината на македонизмот во такви услови во ЕУ?
– Стравот или, подобро кажано, негирањето на македонизмот од страна на Бугарија (па и на другите соседи) е втемелен и ги има истите „симптоми“, на синдромите од 19 век, кога балканските народи ги создаваат своите држави и во своите пресметки за сопствената големина си ја вклучуваат „без прашање“ и Македонија. Би требало денес бугарските политичари да ни дефинираат што актуелно подразбираат под „македонизам“ што толку им пречи. Дефиницијата на македонизмот во 19 век всушност ја дале неговите противници (како бугарскиот писател Славејков), кои не можеле да се помират на сѐ понагласеното изразување на посебноста на Македонците за борбата за своите права и слобода во времето на Отоманската Империја. Тогаш, во 19 век, под македонизам се подразбирало: посебност на јазикот, посебност на црквата (барање за возобновување на Охридската архиепископија), но и територијална посебност. Македонизмот всушност означува постоење на посебен народ на територијата спрема која имале претензии тогашните балкански држави – објаснува историчарката Наташа Котлар.

Во периодот од два века подоцна до денес, македонизмот ги има засилено и дооформено својата посебност и историска вертикала, па неговото оспорување во современ политички контекст значи посегање по основните човекови права и нарушување на принципите на самоопределување и самоизјаснување содржани во повелбата на Обединетите нации, но и во актите на телата на ЕУ.
– Посебноста на македонскиот народ, т.е. на македонизмот денес се препознава во посебноста на јазикот, различноста на историскиот развој (посебна историска вертикала) во културолошка, духовна, социјална, економска, па и во политичка смисла. Таквата различна историска вертикала е специфика за народите што во долги временски периоди биле во некоја заедничка државна формација. Иако Македонија била дел од Отоманската Империја, а потоа и дел од Југославија, сепак Македонците не станале културолошки и историски ист народ со другите народи во таквите државни формации. Македонците имаат сопствена историска вертикала од антиката, па до современоста, како што имаат и другите народи. Доколку ЕУ ги препознае и признае овие елементарни вредности на македонизмот, тогаш ќе има иднина за него. Но доколку се побараат нови отстапки во контекст на бугарските условувања, македонизмот се соочува со сериозни предизвици за својата иднина – вели Наташа Котлар.

Позиционирањето на македонизмот во ЕУ е ставено на сериозен тест со работата на заедничката македонско-бугарска историско-образовна комисија, која треба да договори заедничко чествување настани и личности од минатото, што би требало да имплицира заедничко споделување на историјата. Покрај тоа, треба да направи и усогласување на содржините во учебниците по историја во образовните системи на двете држави. Искушението за македонизмот е во тоа што бугарската страна работата на комисијата, односно прифаќањето на нејзината верзија на историјата, сака да ја претвори во формален услов за членство на Македонија во ЕУ. Ова прашање веќе се претвори и во тема за внатреполитичко опонирање во Македонија, меѓу актуелната власт и опозицијата, која организира и протести за преговорите во експертската комисија за историското споделување на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
– Мислам дека ни во интелектуалните кругови во Македонија, а да не зборуваме за политичарите, нема многу свесни за македонизмот.

Тие сметаат дека тоа е некаква идеологија неприфатлива за 21 век, меѓутоа македонизмот е тој што ја одржува македонската нација. Свеста на Македонецот дека е Македонец… Низ процесот на трансформирање на современата македонска држава настанаа многу битни промени во нејзиното функционирање и карактер. Идеологијата на македонизмот, која е многу постара од илинденскиот период, постои и се развива континуирано низ процесот на формирање на македонската нација – од преродбата до современоста, паралелно со формирањето на другите нации на Балканот, иако можеби кај нас позабавено. Гоце Делчев одигрува клучна улога во обединувањето на македонскиот народ, поделен од разни цркви и пропаганди во времето на неговото дејствување. Тој претставува носечката фигура во зацврстувањето и дефинирањето на посебноста на македонизмот – вели универзитетскиот професор по историја Михајло Миновски.