Фото: Игор Бансколиев

Со интонирање на химната на Република Македонија и на НАТО, на јарболот пред платото на Владата вчера беше кренато знамето на Северноатлантскиот сојуз. Од метеоролошки аспект, вчерашниот ден беше претежно облачен и ветровит со движење на ветерот од северен правец. Но освен северниот ветер, на церемонијата немаше други симболи или обележја што укажуваат на промената на името на државата, во согласност со Преспанскиот договор. Во текот на денот само пристигна информација дека Грција набрзо ќе ја испрати вербалната нота до Македонија, по што, според договор, во употреба треба да стапи и новото име на државата.

– Денеска го креваме знамето на НАТО, што заедно со европското и со нашето, ја одредува иднината, не само нашата и на нашите поколенија. Тоа не е само симболика, туку реалност. Тоа е нова страница во нашата историја – рече Заев на свечената церемонија пред Владата.

Според него, сега земјата почнала да се движи на патот на прогресот и непречениот развој.

– Успеавме од споредниот балкански колосек, на кој чекавме со децении, да се вративме на главниот автопат кон Европа – истакна Заев, притоа додавајќи дека сега започнуваат активностите за изградба на држава според европските стандарди, без, како што рече, пречки од никого.

Порача дека без оглед што станува збор за настан од историско значање, сепак газиме цврсто на земја и оти нема повеќе место за еуфорија.

– Да бидеме успешни и да ги забрзаме историските процеси, со истата истрајност како за договорот од Преспа. Сите да се посветиме на членството во ЕУ. Тоа значи да ги средиме односите во нашиот дом, во нашето семејство, во нашата татковина, да функционираме како систем и како општество. Правда и нула толеранција за корупцијата. Во институциите нема место за оние што со своето работење ја изневеруваат довербата за лични интереси и привилегии, корумпираните ќе се соочат со одговорност. Поткупот, личните интереси и привилегиите нема да бидат начин на кој се води бизнисот во нашата земја. Секој мора да ги следи правилата – порача Заев.
Кревањето на знамето на НАТО се одвиваше во присуство на претставници на Владата, гости од дипломатскиот кор, поранешни премиери, пратеници и други гости. На свечената церемонија не присуствуваше претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, од чиј кабинет велат дека тој не бил поканет, додека владиниот портпарол Миле Бошњаковски вели дека била испратена покана до македонскиот претседател преку курирска служба и по електронски пат.

На свечениот настан не беше присутен ниту неговиот претходник Бранко Црвенковски, кој многу години беше лидер токму на владејачкиот СДСМ. Настанот остана без присуство и на претставници на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, како и на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој поради претходно договорени работни обврски не можел да присуствува. Церемонијата на кревањето на знамето се одвиваше под силно полициско обезбедување, поради што обичните граѓани не можеа да се движат во близината на владиниот објект, ниту, пак, од пристојна далечина да го проследат настанот.