Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, попладнево соопшти уште 17 кандидати за градоначалници од СДСМ на претстојните локални избори.

Во Куманово кандидат за градоначалник е Оливер Илиевски, дипломиран економист, директор на „Водостопанство – Куманово“ и секретар на општинската организација на СДСМ.

„Во Куманово актуелниот градоначалник самиот отиде против себе и партијата и самиот се исклучи од партијата. СДСМ има еден кандидат за градоначалник на оваа општина, тоа е Оливер Илиевски“, рече секретарот Николовски.

Како општина во која имаат предност пред ВМРО-ДПМНЕ и очекуваат сигурна победа, Николовски ја кажа Општина Центар во која за кандидат за градоначалник е избран Горан Герасимовски, сегашен директор на Државниот завод за индустриска сопственост.

Во Ѓорче Петров можност за втор мандат ќе добие Александар Наумовски оти имал голем број реализирани проекти и бил најдобриот предлог со огромен учинок.

Кандидат на СДСМ во Битола, е Христо Кондовски, кого Николовски го претстави како еден од најпознатите стопанственици, успешен човек менаџер, со широка поддршка од повеќе политички субјекти надвор од коалицијата.

„Менџерското искуство ќе биде од корист за трасирање на патот за понатамошен развој на Битола. Води на сите анкети што ги направивме, а СДСМ во оваа општина има предност пред ВМРО во сите истражувања“, рече Николовски.

Соња Стаменкова, психолог, е кандидатка во Македонска Каменица, а во Шуто Оризари кандидат на СДСМ со голема предност е Асан Ферат, приватен стопанственик.

Нов кандидат за градоначалник во Кривогаштани е Николче Мисовски, инженер-агроном и стопанственик.

Кандидат за градоначалник на Струга е Димче Шипинкаровски, економист, кога Николовски го претстави како човек со 30-годишно искуство во приватниот сектор, но и раководител на подрачната служба на Фондот за здравство кој работел на проектот рецептите да им бидат достапни на пациентите во целиот месец, а не само во првите неколку дена.

Во Гевгелија за кандидат е утврден актуелниот градоначалник Сашко Поцков кој имал недвосмислена предност и со него Николовски смета дека СДСМ оди на сигурна победа.

Нов кандидат СДСМ има и во Дебарца, Игор Крцковски, правник, директор на комуналното претпријатие.

И во Чучер Сандево, општина во која Николовски вели дека победува СДСМ, има нов кандидат, Сашко Комненовиќ, криминалист.

Извршниот одбор едногласни му дал поддршка на актуелниот градоначалник на Македонски Брод, Живко Силјановски, оти бил домаќин човек и покажал како една општина се раздолжува и истовремено води сметка за потребите на граѓаните.

Во Долнени СДСМ го кандидира Аднан Џаферовски, поранешен директор на Агенцијата за заштита и спасување.

За градоначалник на Врапчиште е предложен Џеми Мамути, директор на приватна фирма.

Во Радовиш СДСМ оди со нов кандидат. Пратеникот Коле Чаракчиев, електроинженер, со работно искуство и во приватниот и во јавен сектор е кандидат за градоначалник на Радовиш каде што СДСМ има предност од осум проценти, според анкетите.

„Во мојот роден град Крива Паланка, бастион на социјалдемократијата, СДСМ има огромна предност и ќе сигурен победник во прв круг. Кандидат за градоначалник е Сашко Митовски, млад докажан менаџер во приватниот сектор, дипломиран економист“, рече секретарот Николовски.

Како бастион на социјалдемократијата Николовски ја претстави и Струмица.

„Во родната Струмица на нашиот лидер разликата е огромна и предноста на СДСМ е огромна. Кандидат за градоначалник е Костадин Костадинов, актуелен пратеник и портпарол на партијата. СДСМ победува во прв круг тука, нема друг кандидат како и во некои други општини“, рече секретарот Николовски.

Со кандидатот за Струмица, задно со оној за Кочани кој дополнително ќе биде соопштен, Николовски рече дека СДСМ има свои кандидати во 69 општини, а во останатите ќе ги поддржи коалициските партнери.

„Во останатите општини ќе ги поддржиме кандидатите на нашите коалициски партнери со кои договоривме заеднички настап и взаемна поддршка. Тоа се Гостивар, Дебар, Чаир, Сарај, Липково, Пласница, Боговиње, каде што СДСМ нема да истакне кандидати, но секако советнички листи ќе има во сите општини“, најави секретарот Николовски.

Овие кандидати биле утврдени на вчерашната седница на Извршниот одбор на партијата, а кандидатот за градоначалник на Кочани ќе биде соопштен утре.

СДСМ претходно, во два наврата, ги соопшти кандидатите за градоначалници во 51 општина и за Град Скопје. Предложените кандидати се избрани по теренски анализи и испитувања на јавното мислење и по спроведени истражувања внатре во партијата во консултација со 82 илјади членови.