СДСМ почнува сериозни разговори за формирање стабилно мнозинство и влада што движи бргу напред по европскиот пат, патот на економијата и правдата, соопштија од партијата.

– СДСМ почнува сериозни преговори со претседателите на политичките партии, со работни групи, членови на раководствата на партиите, за нов четиригодишен полн мандат на стабилно мнозинство во парламентот и формирање посветена влада, која ќе се движи бргу напред по европскиот пат и патот на економијата и на правдата – се наведува во соопштението.

Од партијата велат дека разговараат исклучиво за формирање влада што се грижи за сите граѓани еднакво, ослободени од какви било етнички предрасуди или национализми, влада што нема никакви дилеми кога е во прашање нашиот заеднички пат, кој се вика Северна Македонија – едно општество за сите.

– Разговараме за влада што ќе се бори со криминалот и корупцијата на сите нивоа, а особено внимание ќе посветиме на делот за прочистување на правосудството и на проверката на потеклото на парите и капиталот на секој функционер по пат на систем што заеднички ќе го договориме. Новата влада предводена од СДСМ ќе донесе и сериозна реформа на јавната администрација, промена што ќе донесе ефикасни, поголем број и побрзи услуги за граѓаните, но и намалување на обемот на администрацијата за 20 отсто, со помал број министри и рационализација на јавните служби. Владата за која разговараме на прво место од својата европска и граѓанска агенда, ќе ја има новата македонска економија, чии главни принципи се продолжување на растот на платите, вложување во младите и во рамномерниот регионален развој, водење посебна грижа за најсиромашните граѓани и постојана поддршка на домашниот приватен сектор – велат од СДСМ.