Извршниот одбор на СДСМ одлучи да нема предвремени парламентарни избори, заедно со претстојните претседателски избори, како што бараше опозицијата. Одлуката како што велат од партијата е донесена во интерес на граѓаните и државата.

-Граѓаните бараат резултати во економијата, реформите и интеграциите. Државотворна партија на која на прво место и се интересите на граѓаните и државата, не мисли на предвремени парламентарни избори, дури и кога рејтингот и поддршката кај граѓаните е многу повисока од онаа на опозицијата – изјави по завршувањето на седницата на ИО на СДСМ, партискиот портпарол Костадин Костадинов.

Тој рече дека како одговорна Влада најавиле економска година, создавање силна економија која отвора шанса за сите.

-Економијата е раздвижена и стабилизирана. Платите растат, се зголемуваат инвестициите, се отворат нови работни места, се повеќе пари завршуваат кај граѓаните. Тоа е добра основа за засукување на ракавите и постигнување резултат што го бараат граѓаните, на се она што е потребно за подобар живот и за подобар стандард. Веќе сме дел од НАТО, очекуваме датум за преговри со ЕУ и реализирање на потребните реформи. Одговорна партија, одговорна Влада не би ја загрозила таа шанса. Не би го загрозила датумот за преговои на ЕУ со предвремени парламентарни избори и стопирање на реформите – вели Костадинов.

Во однос на претстојните претседателски избори, тој вели дека тие ќе бидат кристално чисти, фер и демократски, на кои ќе победат граѓаните. Очекува победа на СДСМ и пораз на деструкцијата и блокадите на ВМРО-ДПМНЕ.

Извршниот одбор на СДСМ го овластил претседателот на партијата, генералниот и организацискиот секретар да направат консултации со коалициските партнери, други парламентарни и вонпарламентарни партии за да се дојде до консензуален кандидат за претседател на државата .