Јавноста и натаму очекува објава на името на заедничкиот претседателски кандидат на коалициските партнери СДСМ и на ДУИ,  што го договорија лидерите на двете партии Зоран заев и Ал Ахмети. Како што беше најавено по нивната средба во средата, името на кандидатот треба да биде објавено денеска, а во меѓувреме течат консултациите за приклучување и на Алтернатива и ДПА, како и на други партии.

Алијансата за Албанците и БЕСА, пак, соопштија дека ќе ја поддржат номинацијата на амбасадорот и универзитетски професор Блерим Река. Тој од вчера се приклучи на списокот со официјални кандидати за претседател на кој е и Гордана Силјановска Давкова, зад чија кандидатура застана опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

По одлуката на лидерите од владејачката коалиција СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети,  за заеднички кандидат,  дел од медиумите објавија дека веќе е познато и името, а дел, пак, тврдеа дека се уште се во игра се имињата на Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Стево Пендаровски и Оливер Спасовски од СДСМ.

Ахмети по завчерашната средба со Заев рече дека се разговара за имињата кои се спомнуваат во медиумите и оти наредните денови ќе има состаноци за да се одлучи за нив.

Претходно, лидерот на СДСМ Зоран Заев пред првиот координативен состанок на партијата во вторникот вечерта на кој ги разгледувале извештаите од општинските организации и пристигнатите самокандидирањата, рече дека во е тек постапка за селектирање избор на заеднички кандидат.

-Ќе имаме и доста телефонски контакти и други видови разговори со нашите секретари кои се во комуникaција со органите на политички партии со кои разговараме за да видиме дали има евентуално исчекор или можност да се дојде до заеднички кандидат. Информациите ми се позитивни, не сме многу далеку. Верувам дека имињата ќе бидат конечната причина за изнаоѓање на заеднички кандидат, рече Заев.

СДСМ за в недела најави конгрес на кој ќе биде промовиран кандидат за претседател. На конкурсот на оваа партија за пријавување кандидати за претседател на државата, што заврши на 19 месецов,  единствена позната е кандидатурата на поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов.

За лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кандидатот на СДСМ и ДУИ ќе биде „најмалку консензуален. Двете партии ќе поддржат заеднички кандидат, според Мицкоски, за да го намалат поразот на  претседателските избори и кратко да ја продолжат политичката кариера на политичарите од тие две политички партии.

Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.