Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со каков интензитет и во кои временски рокови придавката Северна, во согласност со новото име на државата, ќе навлегува во животот на граѓаните и, се разбира, како ќе влијае врз нив? Во тој контекст, во неколку продолженија, „Нова Македонија“ ќе ги анализира сите прашања и дилеми за тоа како ќе се спроведува спогодбата дома и во сите сектори. Во текстовите ќе бидат вклучени видни експерти, професори, правници и други соговорници од културата, спортот, образованието, науката, кои преку своите видувања и мислења ќе се обидат да ги објаснат сите нејаснотии за примената на договорот од Преспа

По формалното стапување во сила на договорот од Преспа и неговото објавување во „Службен весник на Р Македонија“ се наметнува прашањето каква ќе биде неговата имплементација дома и со каков интензитет и какви временски рокови ќе се одвива. Тоа, пак, само по себе отвора низа нејаснотии по влегувањето во сила на оваа спогодба дома, во насока на спроведување на членот 1 став 3 (ѓ) од договорот, кој вели дека сите институции во државава што се финансираат од буџетот со договорот е предвидено да ги променат своите имиња во согласност со официјалното ново име или нејзиното скратено име, односно на Република Северна Македонија или на Северна Македонија.
Во таа насока се наметнува и дилемата како ќе се одвива спроведувањето на спогодбата од аспект на називите на државните институции, како МАНУ, АРМ, МРТ и многу други установи, кои земаат финансиски средства од државната каса или, пак, го содржат името Македонија во називот на институцијата или организацијата.

Во тој контекст, во денешната анализа ги запрашавме повеќето буџетски институции, јавни установи и организации, но и дел од политичките партии, кои според Законот за финансирање на партиите се под државната финансиска капа, а ја содржат придавката македонски/а/о, како тие гледаат на одредбите од спогодбата од Преспа.
Иако во текот на изминатиот ден побаравме официјален став од претседателот на МАНУ, Таки Фити, по ова прашање до затворањето на весникот оттаму не добивме одговор. Инаку Фити пред неколку месеци на едно медиумско гостување кажа дека тој ќе работи за зачувување на името на МАНУ. Според него, иако академијата е буџетска институција голем дел од средствата ги обезбедува од научни проекти и оттаму треба да постои флексибилност кај Владата околу спроведување на договорот од Преспа врз институцијата.

– Навистина ние сме буџетска институција, но не целосно. Голем дел од средствата обезбедуваме и со научни проекти, а научната сфера е посебна општествена сфера. Од самото наше формирање, како академија, и покрај тоа што сме буџетска институција, имаме извонредно голема самостојност. Токму заради тоа, можеби има флексибилност да се размисли (ќе разговараме и со правници), ако може да се употреби тоа ка ко аргумент покрај бона фиде, за зачувување на името на МАНУ. Но што и да се случи не ја намалува нашата убеденост за успешно решавање на идентитетските прашања – изјави неодамна претседателот на МАНУ, Таки Фити. На истава тема побаравме мислење и од политичките партии што во името ги содржат придавката македонски или именката Македонија. Од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ по ова прашање ни одговорија дека за нив договорот од Преспа е противуставен, но и правно политички мртов.

– Името на партијата е Внатрешна македонска револуционерна организација – Демократска партија за македонско национално единство односно ВМРО-ДПМНЕ и такво ќе остане. Понатаму, сѐ што се однесува од Преспанскиот договор и последиците што произлегуваат од него се спротивни на Уставот и законите. Истиот тој е спротивен на волјата на граѓаните, а последиците што произлегуваат од него немаат никакви правно-политички дејства. Името на паријата ВМРО – ДПМНЕ си останува и нема да има никаква промена во него – велат од партијата.

Од друга страна, категоричен одговор на истото прашање добивме и од партијата на власт СДСМ. Пратеникот на СДСМ и нејзин портпарол, Костадин Костадинов, за „Нова Македонија“ изјави дека нема потреба од корекција на името на партијата бидејќи договорот е јасен и не наложува такво нешто.

– Апсолутно не, остануваме Социјалдемократски сојуз на Македонија, нема потреба од корекција, јасен е договорот – рече Костадинов.

Во меѓувреме околу преименувањата на имињата и институциите што следуваат во земјава пишува и италијанскиот угледен медиум „Журнал“. Според „Журнал“, во наредните неколку години во земјава ќе се коригираат многу елементи.
– Властите исто така мора ги отстранат сите јавни слики со сонцето од Вергина, антички симбол, кој се поврзува со семејството на Александар, кое и наедно беше првото знаме на Македонија по прогласувањето на независноста, до 1995 година.

Националноста на граѓаните на преименуваната држава ќе остане македонска. Сепак, во официјалните патни исправи во оваа категорија ќе треба да стои „Македонец/граѓанин на Република Северна Македонија“ – пишува „Журнал“. Според угледниот италијански магазин, можеби најтешкиот предизвик ќе биде во воспоставувањето заедничка политика за означување на локалните производи, затоа што некои од нив со години го носат името „македонски“ во грчката провинција Македонија.

(продолжува)


МПЦ-ОА останува македонска црква

Македонската православна црква – Охридска архиепископија нема да претрпи измени во именувањето на институцијата, што значи дека Преспанскиот договор нема да има никакви импликации врз користењето на придавката македонска во именувањето на МПЦ-ОА. Ова вчера го потврди и владиката Тимотеј, портпаролот на МПЦ-ОА, кој изјави дека црквата нема да претрпи промени во името, бидејќи за тоа нема обврска, зашто таа не е ниту финансирана од државата, ниту, пак, е создадена од државата. Инаку, договорот од Преспа предвидува дека придавката македонски нема да може да се користи за именување институции што се основани или финансирани од државата. Според Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група, МПЦ е регистрирана како здружение на граѓани, а јасната секуларност ги одвојува црквите и верските заедници од државата. МПЦ и другите цркви и верски заедници во земјата не се финансираат од државни пари, туку од сопствени извори и од донации на верниците. Исто така, во амандманите на уставните измени МПЦ не беше опфатена. Процесот за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА, пак, е друга тема. Со оглед на тоа што МПЦ-ОА минатата година побара од вселенскиот патријарх да ја признае нејзината автокефалноста под името Охридска архиепископија, веројатно тоа име ќе биде опција за именување на црквата за меѓународна комуникација на блокот на грчки цркви. За другите цркви, како и за внатрешна употреба, останува да се користи терминот Македонска православна црква – Охридска архиепископија.

Фото: Игор Бансколиев