Правдата е тука, законите важат подеднакво за сите, повеќе нема недопирливи, има силна, ефикасна правна држава, која ги спроведува законите и испорачува правда за сите подеднакво, велат од СДСМ утрово, по пресудата за ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков кој вчера беше осуден на 12 години затвор.

– Пресудата за нелегалното прислушување што Сашо Мијалков и врвот на ВМРО-ДПМНЕ со години го практикувале, зададе силен удар на остатоците на режимот на ВМРО-ДПМНЕ спроведуван од Груевски, Мијалков, Јанкуловска и многу други, кој се уште вирее во Белата палата. Со неа, стигна правдата за над 20.000 граѓани, кои незаконски биле прислушувани со години, само затоа што мислеле и делувале поинаку од ВМРО-ДПМНЕ. Пресудата е уште еден пораз за Мицкоски, кој повторно не успеа да го одбрани криминалот во ВМРО-ДПМНЕ, а тоа беше неговата единствена улога, за која што беше поставен токму од Груевски и Мијалков на чело на ВМРО-ДПМНЕ. Пресудата против обвинетите во предметот „Тврдина-Таргет“ е потврда дека времето на партизираното судство, времето кога некои беа над законите е завршено. Граѓаните очекуваат и сите други случаи и предмети, покренати од Специјалното јавно обвинителство и од другите обвинителства кои се водат во судовите, да добијат разрешница, а одговорните да бидат соодветно казнети. Во Република Северна Македонија се случува правда, законите важат за сите подеднакво. Патот на правдата и владеење на правото е чист и се почесто ќе бидеме сведоци на спроведена правда – се вели во соопштението на СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, преку соопштение до медиумите праша дали Мијалков ќе биде на слобода за два месеца.

– Зоран Заев не спроведува правда. Зоран Заев се пазари. Излегува ли Сашо Мијалков на слобода за два месеци? Тоа ли е договорот Заев – Мијалков? Откако јавноста притисна и имаше жестока реакција за пад на владата, Заев се спаси со договорот со Мијалков, но не за долго. Договорот кој требаше да значи бегство сега е заменет со договор за слобода за два месеци? Дали Заев мисли дека граѓаните ќе му ја проголтаат оваа лага? Привидниот мир кој сега го купува ќе дојде за плаќање за два месеци, а што тогаш? Со Заев не е можна правда. Со Заев имаме само неправда. Ќе има смена на Заев, а тогаш ќе дојде правда за сите – се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.