Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да предложи технички министер во МВР кој ќе биде во согласност со Уставот, со цел утре да се избере техничката влада.

Тој рече дека има најава дека премиерот Зоран Заев и Мицкоски денеска ќе разговараат околу новиот предлог што го најави опозицијата.

– Ако е предлогот прифатлив, Заев ќе поднесе оставка и утре ќе се формира техничката влада – рече Костадинов.

Според него, во ВМРО-ДПМНЕ ништо не се променило, односно партијата оди по стапките на Никола Груевски.

– Дури и кога цела нација гледа дека со нивниот предлог буквално се крши уставот, ВМРО-ДПМНЕ не се менува ниту малку. Членот 97 од Уставот е јасен, дека лице кое раководи со МВР или со Министерството за одбрана, треба да цивилно лице најмалку 3 години пред изборот. Ние имаме отпор кон кршењето на Уставот. Мицкоски денеска го измеша Статутот на СДСМ, Уставот, тој измеша сè – вели Костадинов.