– Техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи мора да биде разрешена поради своето неодговорно и несериозно однесување. Мизрахи, кадарот на Никола Груевски и Христијан Мицкоски свесно и намерно го крши Уставот и го погазува историскиот Договор од Преспа со што во ризик ги стави односите со соседите и процесот на евроинтеграциите – изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

Според неа, наместо да се стави во функција на обезбедување на слободни и демократски избори, Мизрахи како министер во техничката Влада, одлучи да спроведува наредби дадени од Мицкоски и Груевски.

– Мизрахи се дрзна да злоупотреби државна институција во партиски цели, се дрзна да го прекрши Уставот само за да ги исполни нарачките на Мицкоски и Груевски. Штетите од овие анти НАТО и анти ЕУ делување на ВМРО-ДПМНЕ може да бидат огромни за граѓаните, за државата, за нашата евро-атланска иднина. Нема да дозволиме граѓаните, државата, да бидат заложници на неодговорноста и да ја платат цената за овие штети што ги нанесува Мизрахи, постапувајќи по насоките на Мицкоски и Груевски. Загрозувањето на Договорот од Преспа е на директна штета на НАТО и ЕУ членството тоа мора под итно да биде спречено. Затоа го поддржуваме предлогот на претседателот на преодната Влада, Оливер Спасовски за разрешување на техничката министерка Рашела Мизрахи – вели Кузеска.