Зоран Заев е кандидат за претседател на СДСМ, а 80.000 членови со право на глас ќе можат да гласаат денеска на првите директни внатрепартиски избори, соопшти владејачката партија.

Изборите ги спроведува Централна изборна комисија во 80 општински ораганизации. Има 80 Општински изборни комиси и 237 Избирачки одбори, а ќе се спроведат на исто толку избирачки места.

Од СДСМ претходно истакнаа на јавниот повик за поднесување кандидатури за претседател на кој можеше да се пријави секој член кој ги исполнува условите согласно Правилникот, немало други пријавени освен актуелниот партиски претседател и премиер, Зоран Заев.

– Поради тоа што немаше други пријави, Централната изборна комисија донесе Одлука за прифаќање на пријавата за кандидатурата на Зоран Заев, ја утврди и ја објави единствената листа на кандидат за претседател на СДСМ, а тоа е Зоран Заев – посочија од СДСМ.

Тој ќе ја бара довербата во членството со програмата „Нова политика“ – базирана на пет клучни столба. Се најавува сериозна реформа на досегашната кадровска понуда. Втора точка е ангажирање на сите можни капацитети во борбата против корупцијата и криминалот. Понатаму, охрабрување за поинакво мислење и почитување туѓи ставови, градење на СДСМ за новото време, и како петта точка се наведува поттикнување и кревање на мотивацијата на граѓаните.

Секој член на СДСМ, кој активно се регистрирал, ќе има можност да гласа.