Редно е Христијан Мицкоски јавно да ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат автентичното толкување поднесено од СДСМ, порача владејачката партија преку соопштение.

– Со автентичното толкување во Собранието на членот 11 од Законот за помилување се спречуваат обидите на остатоците од режимот и сваровски судството за избегнување на правдата и се затвораат целосно прашањата со незаконската аболиција на Ѓорге Иванов. СДСМ била и останува на страната на правдата – велат од СДСМ.

Оттука додаваат дека срамната и незаконска аболиција на Иванов е производ на ВМРО-ДПМНЕ.

– Јавноста знае дека оваа партија никогаш не се изјасни против и силно ја бранеше кога граѓаните протестираа на улиците. Очигледно е и дека зад случувањата диригирани од остатоците на „заробената држава“ во судството, заедно со последните најави од Уставниот суд, стои ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ заедно со граѓаните нема да дозволи попречување на правдата и опструкции на правниот систем – додава СДСМ во соопштението.