Фото: Маја Јаневска-Илиева

Признанието на УНЕСКО за светското значење на поезијата на Блаже Конески, секако, е и уште една светска афирмација на македонскиот јазик, неговата посебност и постоење низ историјата. Затоа ова признание во овој миг е уште позначајно, во контекст на апсурдните оспорувања и негации од страна на Бугарија на македонскиот јазик, нација, историја и идентитет. Освен тоа, ова признание и чествување на Блаже Конески се уште посилен поттик за внатрешно обединување на македонското национално и општествено ткиво

ВО СЕДИШТЕТО НА УНЕСКО ВО ПАРИЗ ОДБЕЛЕЖАНА 100-ГОДИШНИНАТА ОД РАЃАЊЕТО НА МАКЕДОНСКИОТ ВЕЛИКАН

Во рамките на одбележувањето на Светскиот ден на поезијата, 22 март, во седиштето на УНЕСКО во Париз, беше одбележана и 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, човекот што со својата работа нераскинливо е поврзан со надградбата и постоењето на македонскиот јазик. Ликот и делото на Блаже Конески не може да се сегментираат, иако ова признание од УНЕСКО е наменски посветено и инспирирано од неговата поезија. Но да се зборува за Конески само како поет е речиси невозможно, зашто сосема логично се надоврзува неговата животна мисија на кодификатор на македонскиот јазик и сиот ангажман за негова научна афирмација (на јазикот) во светската лингвистика. Неговата поетско-литературна биографија може да се смета како придонес во развојот и креирањето на современата литературна форма на македонскиот јазик, надградба на народното творештво, на говорната форма на јазикот, чии корени досегнуваат до старословенските говори од деветтиот век, врз кои Кирил и Методиј го создале првото словенско писмо – глаголицата. Затоа, чествувањето на поезијата на Блаже Конески се доживува на одреден начин и како севкупна афирмација на македонскиот јазик во рамките на УНЕСКО, организација во рамките на Обединетите нации.

– Блаже Конески уште пред две години беше запишан во календарот на значајни јубилеи што ги поддржува УНЕСКО. Самиот факт што Конески беше влезен во календарот на УНЕСКО е големо признание, пред сѐ за неговото значење во светската поезија, но, секако, има и пошироко значење, со оглед на непобитната вистина дека поезијата на некој начин е највисоката уметничка форма на изразување на еден јазик – вели Јасмина Шопова, долгогодишна главна уредничка на меѓународното списание „Гласник на УНЕСКО“, која и самата има вложено голем ангажман за реализирање на оваа иницијатива за чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески да добие светско значење.
Настанот во УНЕСКО е дел од националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, која се реализира под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, Министерството за култура, во соработка со Министерството за образование и наука. На настанот во седиштето на УНЕСКО, поезија од Конески на македонски читаше Ѓоко Здравески, лектор по македонски јазик во парискиот институт ИНАЛКО. Краткиот осврт на тема „Блаже Конески – виртуоз на поетскиот јазик“ на француски го читаше македонската поетеса Тања Кармзова Костиглиола. Во текот на културниот настан, амбасадорката Јадранка Чаушевска-Димов официјално ги објави имињата на лауреатите на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, како и на „Мостови на Струга“, награда за дебитантска поетска книга што се доделува во соработка со УНЕСКО. Настанот беше збогатен со настапот на дуото „СолиПсе“ (македонската флејтистка Елена Стојческа и францускиот гитарист Ромен Петио), кои интерпретираа две дела од народниот и современиот македонски музички опус.
Ова без сомнение големо признание за творештвото на Блаже Конески од УНЕСКО во актуелниот миг, исполнет со меѓународно-политички искушенија за постоењето на македонскиот јазик, во Македонија предизвикува и размислувања за значењето на овој настан во смисла на уште еден доказ за автентичноста и посебната развојна линија на постоењето на јазикот.

– Убаво е кога и светот им оддава почит на македонските великани! Затоа, кога по повод Денот на поезијата и УНЕСКО во Париз му оддава почит на Блаже Конески, одбележувајќи ја 100-годишнината од неговото раѓање, потребно е да се потсетиме на неговите значајни мисли за јазикот и името – македонски. Имено, дека македонскиот јазик е нашата „единствена неподелена татковина“, а нејзиното име – Македонија е „големо и ќе сакаат да ни го земат“! И навистина, сè што предвиде, се случи!
И доколку би бил жив, сигурно повторно би воскликнал: „Како се измеша веков, косата да ти се крене!… Како да не бидам тажен штом гледам што е нашево сега, нашено минато“. А, тоа пак, памети автохтони и освојувачки легенди, безброј одгатнати и неодгатнати тајни, симболи и сведоштва, творечки патеки, борбени и ослободителни изблици на народот, сè до слободна македонска држава (во рамките на југословенската заедница)… Крајот на 20 век, покрај независноста на македонската држава, бележи нова, несреќна стварност. Политичка сива зона што се одликува со бесплоден плурализам, разбиена економија и раздадени природни ресурси, осиромашено население без чувство за вредности, девастирани државни и национални институции, многу проблеми од етнодемографска и надворешнополитичка природа. Стварност… косата да ти се крене! Овде нема визија, а народот пропаѓа, залажувајќи се дека со политичката демократија, автоматски доаѓа и економската благосостојба. Убиствена самоизмама! Овде приличи да потсетам на една Гетева мудрост, имено: „Еден народ не смее да мисли дека дошол крајот. Губењето на имотот, лесно се надоместува, а за другите загуби времето нè теши. Само едно зло е неизлечиво – ако народот самиот ги крене рацете од себе!“ – пишува историчарката Наташа Котлар, инспирирана од чествувањето на Блаже Конески во УНЕСКО.

За професорката од Институтот за македонски јазик, Елка Јачева-Улчар, одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески во УНЕСКО е многу значајно светско признание за сѐ што значи неговото творештво, кое несомнено е највисок научен и уметнички изблик на македонскиот јазик. Наедно таа смета дека чествувањето на Конески треба да се искористи како обединувачки мотив во сѐ повеќе политички поделеното македонско општество.
– Како би се создала литературната уметност ако го нема јазикот на кој би творел уметникот? Затоа литературното творештво, т.е. поезијата на Блаже Конески едноставно произлегува од македонскиот јазик, во кој истовремено го вложува сиот свој научен труд за негово современо кодифицирање. Според тоа, признанието на УНЕСКО за светското значење на поезијата на Конески, секако, е и уште една светска афирмација на македонскиот јазик. Затоа ова признание во овој миг е уште позначајно, во контекст на актуелните политички импликации за (не)постоењето на македонскиот јазик, поврзани како некакво апсурдно условување за евроинтеграциите на Македонија. Освен тоа, ова чествување на Блаже Конески би можело да биде и мотив за внатрешно обединување на македонското општествено ткиво – смета професорката Елка Јачева-Улчар.