СЗО и експертите стравуваат дека варијантата Б.1.1.529, која се појави во Јужна Африка, е досега најопасната, најпренослива и најсмртоносна поради што многу земји веќе презедоа сериозни мерки на претпазливост. Она што загрижува се и процените дека новата варијантата има 50 мутации, вклучувајќи и повеќе од 30 на протеинот на шилецот, што ја прави непредвидлива и отпорна на вакцини

КОРОНА-ПАНДЕМИЈАТА ЕВОЛУИРА НА ПООПАСНО НИВО

Ширењето на нова, потенцијално многу опасна варијанта на коронавирусот во Јужна Африка предизвика дополнителна загриженост во меѓународната јавност. Експертите стравуваат дека варијантата Б.1.1.529 не само што е многу заразна поради невообичаено голем број мутации туку може и полесно да ја пробие вакциналната заштита.
Оваа најнова и многу опасна варијанта, според досегашните наоди на светските медицински институции, засега претежно е сконцентрирана во Гаутенг, која е најнаселената провинција во Јужна Африка и која ги вклучува Јоханесбург и главниот град Преторија.
Во меѓувреме, челниците на Светската здравствена организација (СЗО) закажаа итен состанок за да разговараат што значи развојот на овие случувања за глобалната пандемија и вакцините.
– Загриженоста е дека кога имате толку многу мутации, сето тоа може да има влијание врз тоа како се однесува вирусот – изјави Марија Ван Керхове од СЗО.
Агенцијата за здравствена безбедност (АЗБ) информира дека варијантата наречена Б.1.1.529 има шилест протеин, кој драстично се разликува од оној во оригиналниот коронавирус врз кој се засновани постојните вакцини против ковид-19.
– Ова засега е најопасната варијанта што сме ја виделе досега и неопходни се итни истражувања за да научиме колку е заразна, опасна и отпорна на вакцини – изјави извршната шефица на агенцијата, Џени Харис.

Африка во карантин

Во меѓувреме, голем број држави веднаш реагираа на веста за појавата на новиот сој, воведувајќи или најавувајќи нови мерки на претпазливост и ограничување на патувањата. Велика Британија и Израел повторно од 26 ноември, ги ставија Јужноафриканската Република и уште пет африкански земји на црвената листа за авионски патувања, а секој што неодамна пристигнал од тие земји ќе треба да направи тест за коронавирус.
Агенцијата за здравствена безбедност на Британија соопшти дека не се откриени случаи, но Владата презема „одлучни мерки на претпазливост против новата варијанта на ковид-19“.
Израел објави дека им забранува на своите граѓани да патуваат во Јужна Африка, а го забрани влезот на странци од тој регион.
Во Израел веќе е регистриран првиот случај на варијантата на коронавирусот што првпат се појави во Јужна Африка. Лицето заразено со новиот вид е Израелец што се вратил од Малави.
Големиот број мутации во варијантата „се потенцијално биолошки значајни мутации што може да го променат однесувањето на вирусот во однос на вакцините, третманите и преносливоста“, се вели во извештајот.
И германската влада донесе одлука од утре драстично да го ограничува воздушниот сообраќај со Јужноафриканската Република. Министерството за здравство објави дека земјата ќе се смета за област на ширење на варијанта на вирусот. Како резултат на тоа, на авиокомпаниите им е дозволено само да превезуваат германски државјани оттаму во Германија. Дополнително, сите веќе пристигнати ќе мора да бидат во карантин 14 дена – дури и ако се целосно вакцинирани.
Европската комисија исто така сака да го ограничи патувањето од Јужна Африка до ЕУ на апсолутен минимум. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, на Твитер соопшти дека комисијата ќе им предложи на државите на ЕУ да се активира итна сопирачка за да се прекине воздушниот сообраќај.

До кога ќе мутира вирусот

Во светло на актуелните случувања, „Дојче веле“ информира дека развојот на ефективна вакцина или лек против новиот коронавирусот е тежок процес, меѓудругото и бидејќи вирусот постојано се менува со текот на времето. Околу две години по избувнувањето на пандемијата, истражувачите во светот веќе регистрирале над 100 различни мутации на вирусот. Ваквите варијанти или промени, според медиумот, се очекувани затоа што геномот на вирусите мутира со текот на времето и се појавуваат нови поттипови.
Оттука карактеристиките на вирусот исто така можат да се променат, а како резултат на тоа, оригиналниот вирус може да ослабне или да стане поагресивен. Овие различни варијанти, исто така, објаснуваат зошто патогенот предизвикува бранови на инфекција со различна тежина во одредени региони во светот и зошто инфекциите исто така можат да бидат многу различни кај различни луѓе.
Британскиот „Би-би-си“ информира дека новиот сој на коронавирусот научниците во светот го опишуваат како застрашувачки и наедно најлоша варијанта на оваа болест. Професорот Тулио де Оливеира, директор на Центарот за одговор на епидемијата и иновации во Јужна Африка, изјавил дека новата варијанта е „навистина загрижувачка“ и различна од сите други варијанти пред неа.
Тој прецизира дека варијантата има 50 мутации, вклучувајќи и повеќе од 30 на протеинот на шилецот, делот од вирусот што се прицврстува на клетките што всушност е цел на вакцините, но и „клучот“ што го користи вирусот за да влезе во човечкиот организам.
Според него, оваа варијанта покажала дека постои „скок“ во еволуцијата на вирусот и од овој настан во иднина се очекуваат многу нови мутации.
Слично констатира и Равиндра Гупта, професор по клиничка микробиологија на Универзитетот во Кембриџ, која смета дека оваа варијанта е нешто што треба да се сфати „многу сериозно“.
– Има голем број мутации што можат да влијаат врз преносливоста и имунолошкиот одговор – рече тој, додавајќи дека на научниците им треба време да утврдат дали порастот на инфекции ѝ се припишува на новата варијанта.
Професорот Ричард Леселс, од Универзитетот во Квазулу-Натал во Јужна Африка, вели дека новата варијанта ги загрижува научниците бидејќи овој вирус сега може да има зголемена преносливост, зголемена способност да се шири од човек на човек, но исто така може и да заобиколи делови од имунолошкиот систем.


Пет факти за новиот сој

1 Варијантата Б.1.1.529 има вкупно 50 мутации, вклучувајќи и повеќе од 30 само на протеинот на шилецот. Протеинот на шилецот е цел на повеќето актуелни вакцини против ковид-19 и е она што вирусот го користи за да го отклучи пристапот до клетките на нашето тело. Истражувачите сè уште се обидуваат да потврдат дали ова го прави попренослив или посмртоносен од претходните варијанти.
2 Новата варијанта има 10 мутации во споредба со само двете мутации на варијантата на делта-сојот, кој со голема брзина го преплави светот.
3 Постојат претпоставки дека новата мутација, најверојатно, доаѓа од само еден пациент што не можел да го победи вирусот. Франсоа Балу, директорот на лондонскиот генетички институт, сугерираше дека можеби потекнува од хронична инфекција на вирусот на пациент што веќе бил болен од ХИВ/СИДА.
4 Првпат новата варијанта е идентификувана во Јужна Африка, од каде што сојот се прошири и во Боцвана, Хонгконг и Израел. Според досегашните информации, во светот се регистрирани над 100 случаи поврзани со оваа варијанта.
5 Светската здравствена организација (СЗО) изрази загриженост за новите мутации, кои може да имаат влијание врз тоа како ќе се однесува и шири вирусот низ светот.