Претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, денеска во македонското Собрание говорејќи за одлуката на Европскиот совет, рече дека таа не треба да се толкува како „не“ за почеток на преговарачкиот процес или историска грешка, туку како историски застој.

– Имаме заедничка иднина, да ја напишеме заедно – порача Сасоли, додавајќи дека нашите разочарувања се и разочарувања на ЕУ, бидејќи иднината на Македонија е во Унијата.

Тој посочи дека постојат одредени тешкотии што треба да ги надминеме, но треба да гледаме со малку оптимизам што ќе ни овозможи да ја завршиме и оваа фаза што ќе ѝ овозможи на Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ.

Сасоли е уверен дека резервите од одредени земји наскоро ќе бидат преразгледани.

Претседателот на ЕП нагласи и дека треба да продолжат реформите во земјава. Според него, важно е да се сфатат забелешките кои ги имаа одделни земји и да се работи на нивно надминување.

Претседателот на Европскиот парламент изрази уверување дека, прашањето за отворањето на преговорите со Македонија може пак да се стави на дневен ред, имајќи ја предвид поддршката на голем број земји членки, како и единствениот став на европските институции.