Вкоренетиот феномен политичките (колективни и лични) суети да го задушуваат принципот на т.н. политичка резултанта, подолго време во општествените случувања не дозволува ползување и уважување на политички коректните и добри идеи од сите учесници во политичкиот живот. Без разлика дали партиите се на власт или во опозиција. Принципот на т.н. политичка резултанта вклучува конструктивна опозиција, кооперативна власт, заемно уважување и кохерентност за прашања и иницијативи што се од општ, национален, односно имаат широк граѓански интерес

Поларизацијата на релацијата власт – опозиција сериозна закана за евроинтеграциите на земјата

Македонија во декември се надева на прва меѓувладина седница со ЕУ со што ќе се започне процесот на пристапни преговори со Унијата, за чиј напредок ќе биде клучно спроведувањето на реформите што во најголема мера ќе зависи од соработката меѓу власта и опозицијата во периодот што следува.
Но токму тука се создава каменот на сопнување, бидејќи веќе со години тешко се воспоставува соработка меѓу партиите на власт и оние од опозицијата, па речиси секогаш при носењето клучни закони важни за европската иднина на земјата беше потребна меѓународна асистенција.
Партиите во земјава најчесто се водат од теснопартискиот интерес со единствена цел да ги намалат заслугите на опонентната политичка структура, а да ги преувеличат своите. Пренебрегнувањето на идеите од спротивната партија некогаш оди дури и во крајност, па се игнорираат дури и идеи што имаат потенцијал да бидат успешни и одржливи. Тоа, пак, од друга страна, полека, но сигурно станува погубно за државниот и граѓанскиот интерес. Вкоренетиот феномен политичките (колективни и лични) суети да го загушуваат принципот на т.н. политичка резултанта, подолго време во општествените случувања не дозволува ползување и уважување на политички коректните и добри идеи од сите учесници во политичкиот живот. Без разлика дали партиите се во позиција или опозиција.

Принципот на политичка резултанта вклучува конструктивна опозиција, кооперативна власт, заемно уважување и кохерентност за прашања и иницијативи што се од општ, национален, односно граѓански интерес. Иако, во повеќето случаи постојат различни насоки за решавање одредени општествено-политички прашања (затоа постојат и различни партии), но за битни, суштински прашања, секако постои „заедничка резултанта“, заеднички пат што државата и граѓаните ги носи на ново поквалитетно ниво на развој. Таквиот политички приод на кооперативност и конструктивност носат побрз прогрес, бидејќи сите засегнати страни (политички партии) го наоѓаат својот интерес на тој пат и не се мотивирани да опструираат или да се инаетат со својата политичка суета. Слична појава и сега е присутна во политичкиот живот.
Власта постојано ја повикува опозицијата да биде конструктивна, од друга страна, опозицијата ја прозива власта дека воопшто не се консултира за ништо со нив и бара само да бидат гласачка машина, што директно води кон блокада и застој при носењето на законите.
Токму овие работи ја наметнуваат дилемата дали во Македонија сѐ уште не созреал принципот на политичка резултанта. Имаме ли сѐ уште дефицит на конструктивна опозиција и кооперативна власт? Дали станува збор само за тактичко надмудрување, инаетење или суета што токму во актуелнава ситуација на национална загрозеност, ни фрла политичко слепило?

Новата методологија на преговарање со ЕУ ќе бара постојана кооперативност на релацијата власт – опозиција при носењето реформски закони, а секое назадување во одредена област и разни партиски опструкции ќе значат и повторно отворање на затворено преговарачко поглавје и преговарање во недоглед.
– Не може да седнете со Мицкоски да се договорите. Тој разговара за да не се договара, во изминатиот период од три години колку што е тој претседател на ВМРО-ДПМНЕ една работа не договоривме, со Груевски договоривме пржинска влада, специјално обвинителство, нема ни една работа што е договорена со Мицкоски – изјави неодамна премиерот Зоран Заев.
Од своја страна и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски ја обвинува власта дека одбива секаква соработка.
– Секогаш ние сме биле тие што сме имале иницијатива да бидеме дел од процесите, но брутално сме биле отфрлани од страна на власта. Иако имаме желба, власта тоа го прикажува како ВМРО-ДПМНЕ да не сака да биде дел од процесите – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Цената за постојаните обвинувања за некооперативност меѓу власта и опозицијата ја плаќа државата, која тапка во место со реформите.

– Научно гледано власта треба да биде склона кон демократија, а опозицијата кон општ консензус, што би значело сите стратегиски прашања, покрај власта, да ги поддржува и опозицијата. Во Македонија оној што е на власт мисли дека е сè, а кога е во опозиција дека ништо не му чини – вели Живко Андревски, универзитетски професор.
Според него, актуелната опозиција треба да утврди што ќе поддржи од проектите што ги нуди власта, секако, со активно учество и дискусии при нивното изработување.
– Македонија има определени стратегиски цели и мислам дека сегашната опозиција треба да утврди во кои цели ќе биде вклучена во смисла да помага, да дебатира, да се договара, да усвојува акти што се потребни за таа поддршка… Инаку, опозицијата како опозиција може што да прави што сака, може да критикува, може да ја има и да ја нема. Власта е одговорна за вкупната состојба во државата и општеството. Основен консензус во Македонија е Уставот – категоричен е професорот Андревски.
За првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, повеќе фактори влијаат да нема конструктивен пристап кон работите важни за државата.
– За жал, поларизацијата во нашето општество и натаму ескалира, особено по партиска основа. И покрај континуираната обука на партиите од институтите на нивните сестрински европски партии (пр. фондацијата „Конрад Аденауер“) за култура на политичко однесување, како и изборната заложба на сегашниот претседател Пендаровски за деполаризација, сепак, ситуацијата и натаму се влошува.

Дел од тоа и поради новите глобални трендови на лажни вести и демонизација на противникот (што понекогаш дава краткорочни, изборни, резултати), а дел е поради падот на квалитетот на кадарот во партиите – смета Кржаловски, притоа додавајќи дека сево ова оневозможува конструктивен пристап кон работите обострано.