Фото: Игор Бансколиев

Пописот планиран за април 2020 година нема да биде класичен со користење традиционален метод, интервју лице во лице, туку ќе се користи таканаречениот комбиниран метод, што подразбира и попишување лице во лице, меѓутоа и користење податоци од регистри, велат од Државниот завод за статистика

Македонија најави спроведување попис на населението и домаќинствата за април 2020 година, операција што е неопходна да се утврди точниот број на население заради креирање соодветни политики.
Последниот попис во земјава беше спроведен во 2002 година, додека во 2011 година имаше обид за спроведување попис што беше прекинат поради, како што тогаш изјави Весна Јаневска, претседателката на тогашната Државна пописна комисија, политички притисоци, иако тогашната владејачка коалиција ги негираше ваквите тврдења и одложувањето го правдаше со технички причини.
Инаку, главна цел на пописот е да обезбеди целосни, квалитетни, ажурни и меѓународно споредливи статистички податоци за населението, домаќинствата и становите за задоволување на потребите на корисниците во државата и во странство.
Собраните податоци од пописот се користат за анализа и оцена на состојбите во економскиот и социјалниот развој, планирање и развој на стопанството, образованието, здравството, домувањето и во другите економски и социјални сфери, следење на извршувањето на плановите, како и за научни истражувања и статистички цели.

Пред одржувањето на пописот, Собранието треба да донесе закон за попис на населението и домаќинствата, чие донесување во случајов доцни. Првично законот требаше да биде изгласан во Собрание до крајот на март.
– Коалициските партнери сè уште ги усогласуваат ставовите околу Законот за попис на населението и домаќинствата, но тоа воопшто не го доведува под знак прашалник најавениот момент за одржување на пописот во 2020 година, бидејќи Државниот завод за статистика веќе работи на подготовките на пописот – вели владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Од Државниот завод за статистика најавуваат дека овој попис нема да биде според класичниот метод што се користеше претходно, туку ќе се користи комбиниран метод.
– Овој попис нема да биде класичен, со користење на тој традиционален метод, интервју лице во лице, туку ќе се користи таканаречениот комбиниран метод, што подразбира и попишување лице во лице, меѓутоа и користење податоци од регистри – вели директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
Тој додава дека Државниот завод за статистика ги има сите ингеренции за спроведување на пописот и е институција што има законски овластувања за спроведувања ваков тип истражувања.

Според него, нема никакви пречки за одржување на пописот во април 2020 година, дури и да се случат евентуални предвремени парламентарни избори оваа есен.
– Единствено доколку дојде до предвремени избори следната година, тогаш би можело да дојде до одложување на пописот – истакнува Симовски.
Но проблем со спроведувањето пописи имаат речиси сите земји од Западен Балкан. Војните во поранешна Југославија, масовните убиства, брановите бегалци, како и емиграцијата низ годините, влијаеја да нема точни податоци за бројот на населението во ниту една земја. Само во периодот од 1991 до 2015 година, бројот на населението во поранешна Југославија варира од 2,46 до 3,98 милиони, што е огромна бројка во статистиката.

Во Косово ситуацијата е уште покомплицирана. Во 1991 година Албанците го бојкотираа пописот, а властите во Белград одредија нивна претпоставена бројка на население. Кога, пак, во 2011 година се одржа пробен попис на Косово, Србите од северот го бојкотираа.

Ништо подобро не е ниту во БиХ, каде што последниот попис се одржа во 2013 година, но резултатите беа контроверзни, бидејќи повеќето етнички групи се жалеа дека биле спречени да се вратат во земјата за време на попишувањето. Во Србија, Албанците од југот на земјата го бојкотираа пописот во 2011 година.
Како и да е, единствена можност за започнување на операциите за спроведување пописи во земјите од Западен Балкан е притисокот од страна на Европската Унија, која бара од земјите-кандидатки да утврдат точен број на населението и домаќинствата, заради прецизните статистички податоци со кои располага Евростат, а кои се потребни за креирање на идните европски политики. go