Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во анализата, меѓу другото, се наведува и дека во Германија, Франција, Данска, Шведска, Финска и во други земји има голем број луѓе што мислат дека била направена грешка што ѝ се дозволило на Романија да ѝ се придружи на Унијата, па расположението кај овие земји за нови членки не е најповолно

Граѓаните на земјите од Западна Европа не ја одобруваат идејата за проширување на ЕУ, за членството на Македонија најконкретно се изјасниле Британците, додека повеќето од Французите се против понатамошно какво било ширење на Унијата. Ова го говорат последните податоци од најновата анализа направена од меѓународниот институт „Југов“, објавена од страна на интернет-страницата „Евротрак“, која се занимава со мерење на јавното мислење во Европа за теми што ги интересираат и што ги засегаат Европејците.

Истражувањето,објавено вчера, а спроведено од 17 до 27 декември мината година, опфаќа 8.538 граѓани во седум европски земји, меѓу кои и граѓаните во големата евротројка, Велика Британија, Германија и Франција, како и кај населението во скандинавските земји Данска, Шведска, Финска и Норвешка. Во анкетата се наведува дека речиси 58 отсто од испитаниците во Британија се изјасниле позитивно во однос на прашањето дали сегашните земји-аспиранти за ЕУ, меѓу кои е и Македонија, треба да ја добијат дозволата да се приклучат кон Унијата. Спротивно од нив, само 24 проценти од Французите би сакале да нѐ видат во ЕУ, додека против се дури 44 отсто. И мнозинството Германци, Данци и Финци не ја сакаат земјава во ЕУ. Во исто време во Германија, според истражувањето, дури 39 отсто се „против“, 34 отсто се „за“, во Данска соодносот е 38 отсто „против“ наспроти 30 отсто „за“, додека во Финска 32 отсто не нѐ прифаќаат, а еден процент помалку се позитивни за нашиот прием.

Во исто време во анализата објавена на „Евротрак“ меѓу другото се наведува дека во Германија, Франција, Данска, Шведска и во Финска има голем број луѓе, кои мислат дека била направена грешка што ѝ се дозволило на Романија да ѝ се придружи на Унијата, па расположението кај овие земји за нови членки не е најповолно. Во тој контекст, француската и германската публика, исто така, имаат тенденција да мислат и дека на Бугарија не требало да ѝ се дозволи да се приклучи кон Унијата, додека Данците и Швеѓаните се еднакво поделени околу пристапот на нашиот источен сосед во Унијата во 2007 година.

Политичките аналитичари објаснуваат дека има повеќе причини за ваквите наоди во извештајот на меѓународниот институт „Југов“.

Според поранешниот дипломат Ристо Никовски, сите извештаи што се објавуваат во јавноста на темата за расположението во ЕУ за идното проширување се релевантни и треба да се анализираат со сериозност кај домашните власти.

– Добро ќе биде ако Македонија добие датум за преговори во јуни, меѓутоа шансите за тоа се релативно многу мали. Не е во прашање само нашето нереформирање туку уште повеќе расположението во главните земји во Унијата против проширувањето.

Последните анкети покажуваат дека дури 62 од Французите и 61 отсто од Германците се против проширувањето. Пред неколку месеци, Макрон јасно стави до знаење дека приоритет им е реформирањето на Унијата и само по еден таков процес ќе дојдат нови членки. Деновиве Макрон напиша и писмо до европските граѓани во кое побара поддршка пред парламентарните избори во мај, а проширувањето е апсолутно запоставено. Објективно, некаде околу 2025 година веројатно ќе биде примена Црна Гора како знак дека проширувањето не е мртво, а сите други ќе чекаат по 2030-тите години. Тоа не значи дека треба да запреме со реформите туку напротив да ги интензивираме бидејќи тоа е наш интерес, а не на Европа – вели Никовски. Во тој контекст француската министерка за европски прашања, Натали Лоазо, која пред неколку дена ја посети земјава, потсети дека одлуката за почеток на преговори ја носат заеднички сите 27 членки на Унијата, а такви се правилата и при евентуалниот влез на земјава во европското семејство. Во тој правец неколкупати досега францускиот претседател Емануел Макрон повикуваше на заштита на европскиот континент. Воведување ред во шенген-зоната, исполнување на обврските од сите држави, одговорност, солидарност, почитување на заедничките правила, но проширувањето воопшто не беше споменато. Макрон минатата година порача на Европскиот парламент му дека ЕУ треба да размислува за проширување со нови членки само откако ќе претрпи фундаментални реформи за начинот на кој работи додавајќи дека секогаш кога размислува за проширување Унијата слабее.