Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Во соседните земји веќе се појавија брзи тестови, кои може да се набават во аптека и кои за околу 30 минути покажуваат дали некој е инфициран или не од коронавирусот. Какви предизвици носат овие тестови и кои се размислувањата на епидемиолозите и на здравствените работници во однос на нивната примена

Ќе го следи ли Македонија примерот на Србија, која од вчера воведе брзи тестови за ковид-19 за домашно тестирање? Овие тестови секој може да ги купи во аптеките и тестот да го изврши сам во домашни услови. Целта е што повеќе компании и институции да можат да вршат брзи проверки, но и самите граѓани кога ќе почувствуваат какви било симптоми. Наместо да чекаат и да закажуваат регуларно тестирање со ПЦР-тест во здравствените установи, можат во аптека да го купат тестот и да се тестираат сами дома. Резултатот ќе го имаат за половина час.
Колку овие тестови се корисни? Дали може да помогнат за брзо детектирање на вирусот и спречување на неговото ширење или, пак, дополнително може да ја усложнат целата ситуација? Кој во тој случај би водел евиденција колку има позитивни случаи на овој тест? Дали самите граѓани ќе се пријавуваат кај матичните лекари дека врз основа на ваков тест се позитивни или ќе кријат?
Овие дилеми ги има и во јавноста во Србија, но ако почнат да се применуваат и кај нас, ќе се отворат истите прашања.

Епидемиологот Александар Стојанов вели дека ваквите тестови отвораат многу дилеми за веродостојноста на резултатите, но и како тие ќе се регулираат во официјалната статистика на позитивни случаи на ниво на целата држава.
– Се држиме до тоа тестот да го прават обучени лица, кои знаат како соодветно да се земе брис од нос и грло за ПЦР-тест, во овластени здравствени лаборатории и институции. Со тие брзи тестови што ќе се прават во домашни услови може да се направи забуна во целиот здравствен систем – посочува епидемиологот.
Според него, брзите тестови што се користат во здравствените домови и во болниците се одобрени од Светската здравствена организација и ги прават обучени луѓе.
– Кога брзиот тест ќе покаже позитивен резултат, тој со сигурност е позитивен. Но кога истиот тест ќе покаже негативен резултат, најдобро е да се повтори со ПЦР-тест, за сигурност – посочува Стојанов.
Српските епидемиолози велат дека овие тестови се користат за самотестирање и тестирање на вработените во операции, големи колективи, домови за стари лица, градинки, спортски клубови, кога симптомите веќе се појавиле и потребно е да се направи разлика меѓу настинка, грип или ковид-19.

Со овој тест тие побрзо ќе дознаат дали се позитивни и можат веднаш да се изолираат. Тие содржат стапче, реагенс и плочка, а резултатот од тестот е готов за 30 минути. Ако тестот е позитивен, на плочката се појавуваат две паралелни линии. Ако тестот е негативен, а пациентот има симптоми, тестот треба да се повтори за два дена или да се направи ПЦР-тест.
Во Србија тие чинат околу 10 евра.
Веродостојноста на тестот е околу 98 отсто, резултатот не може да биде лажно позитивен, но може да биде лажно негативен ако не бил земен доволно материјал со стапчето за тестот, односно ако бил изваден од носот прерано.

[email protected]