Фото: Игор Бансколиев

Поединци и групи во државата со своите поведенија отсекогаш ги ставале на тест законите и нивното спроведување. Во основа, токму таквите поведенија што излегуваат од рамките на Уставот и законите и нивното неселективно процесирање од државните институции се индикатор за владеење на правото и за постоење на сериозна правна држава. А да биде болката уште поголема, со последниот колосален случај „Мијалков“ и со очигледното несериозно однесување на сите надлежни институции, македонските власти буквално ѝ ставија цврст аргумент на Бугарија во раце, со кој во иднина официјална Софија може да продолжи да ги блокира македонските евроинтеграции, овој пат објаснувајќи ја својата блокирачка позиција со неспособноста на земјава да спроведе владеење на правото, клучниот кластер во преговорите со ЕУ

Случајот „Мијалков“ ни ги одзеде аргументите дека сериозно работиме на клучниот кластер за владеењето на правото

Последните настани со недостапноста, па ненадејното појавување на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, првообвинет во случајот „Таргет-тврдина“, несомнено фрли сериозна дамка врз угледот на државата пред меѓународната заедница и ја доведе под сериозен прашалник подготвеноста на земјата да го примени владеењето на правото онака како што од неа очекува Европа.

Имено, во моментот кога надлежните меѓу себе си ја префрлаа вината за тоа чија е одговорноста за исчезнувањето на Мијалков, а полицијата распиша дури и домашна и меѓународна потерница и го бараше под дрво и камен, тој ноншалантно се прошета низ центарот на Скопје и појде до Обвинителството само да им каже дека претходно не се чувствувал добро и затоа не го примил решението за притвор, па откако дознал дека се трага по него, самиот се јавил кај обвинителите.

Рецепт како поразот да се претвори во победа и обратно

Токму тоа говори за противречност ова да се претставува како голема победа на државата, кога повеќе од јасно е дека станува збор за системска збрка, а со тоа и самодевалвирање на Македонија како земја-кандидат за членство во ЕУ, која со години очекува датум за почеток на пристапните преговори.
Од друга страна, со ваквото несериозно однесување на сите надлежни институции, македонските власти буквално ѝ ставија цврст аргумент на Бугарија во раце, со кој во иднина официјална Софија може да продолжи да ги блокира македонските евроинтеграции, овој пат објаснувајќи ја својата блокирачка позиција со неспособноста на земјава да спроведе владеење на правото, клучниот кластер во преговорите со ЕУ.
Некои од аналитичарите со кои се консултиравме сметаат дека драмата со Мијалков нанела непоправлива штета врз угледот на државата на секаков план, но уште повеќе ги истакнала нефункционалните и корумпирани институции.
– Ние сме земја што упорно работи во полза на својата штета. Со сè. Буквално на секој план. Нема ден да не излезе некој скандал и сето тоа и за најбанални причини. Лошо е што Европа, кон која се стремиме стрмоглаво, веќе навикна на тие наши глупости и затоа не нè сфаќа сериозно дури и кога треба – вели поранешниот дипломат Драган Јањатов.
Тој додава дека последните случувања во државата може да ги искористи и Бугарија, но и која било друга земја.
– Бугарија ќе направи сè да го одложи почетокот на пристапните преговори за да може да извлече што повеќе од нас. Затоа и овие помирливи тонови што доаѓаат сега се малку да нè утешат. Самите што си правиме, никој нема да ни го направи тоа. Во секој случај, ова што се случува не е добро и ако не понесе некој одговорност за тоа што се случи, ќе биде многу лошо и може да го злоупотреби и Бугарија и секој што ќе сака – појаснува Јањатов.

Зошто дозволуваме привид дека станува збор за правна и демократска држава

За Солза Грчева, политичарка и аналитичарка, случувањата со Мијалков оставаат страшно лоша слика за Македонија и само потврдуваат тешки фалинки во системот.
– Мислам дека сево ова не можат да го сварат западните земји, ниту американската амбасада. Вакво извлекување на секој божји човек кому му следува пресуда покажува една тотална немоќ и елементи што државата ја идентификуваат како еден крајно корумпиран систем – вели Грчева.
Според неа, Мијалков е пуштен, па потоа вратен заради, како што вели таа, некаква негова нова „употребна вредност“.
– Не можам да се помирам со фактот дека нам ни завршуваат во притвор луѓе со многу помали обвиненија, а човек со сериозни обвиненија е пуштен со алка во домашен притвор. Значи повторно овој циркус нема да заврши – категорична е Грчева, не отфрлајќи можност повторно на обвинетиот да му се овозможи да побегне.
Таа додава дека меѓународната заедница гледа дека овде се прави само привид дека станува збор за некаква правна и демократска држава.

– Нам повеќе не ни е потребно вето од никого. Ние не смееме никако да зборуваме за нечие вето. Ние овде не сме средени, а ветата само дополнително ни доаѓаат. И таа Бугарија е инструирана да работи против проширувањето бидејќи ние навистина не заслужуваме пристапни преговори бидејќи излегуваат флагрантни елементи на корумпираност, и држава во која оние што имаат пари нè владеат и можат што сакаат да направат – истакнува Грчева.
Актуелниот претседател на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, смета дека сега е неважно дали Бугарија ќе ги искористи случувањата кај нас за нова блокада, бидејќи со невладеењето на правото самите сме си ставиле „вето“ за евроинтеграциите.
– Ирелевантно е дали Бугарија ќе стави вето за македонските евроинтеграции. Софија си ја спроведува агендата за руската креација санстефанска голема Бугарија, а владеењето на правото треба да биде наша обврска заради нас самите, а не поради забелешките од другите. Потребни ни се длабоки системски реформи – категоричен е Петров.