ПОРАКИТЕ НА МАКРОН НИЗ ЕДНА ПОИНАКВА ДИОПТРИЈА

По минатонеделниот самит на ЕУ во кој не беше донесена одлука за почеток на пристапните преговори на Македонија и на Албанија со ЕУ, на виделина излегоа и одредени поинакви гледишта на состојбите и околностите внатре во Унијата. Имено, претседателот Макрон во своите забелешки, кои беа од финансиска природа, околу идното финансирање и функционирање на ЕУ по излегувањето на Лондон од Унијата и дупката што ќе треба да се пополни, истакна дека парите за проширување во Унијата треба да се намалат и да се пренаменат за други сектори, како на пример субвенционирањето на француските земјоделци и иновации. Со други зборови, како што пишува „Дојче веле“, францускиот претседател Макрон упатил затскриени пораки, до оние земји што сакаат проширување на Унијата, тие да го финансираат тој процес, но не и целата Унија.

Ваквата констелација на состојбите увидени во пораките на францускиот претседател Емануел Макрон за домашната експертска јавност предизвикува одредени коментари во однос на политиката на Брисел кон регионот. Според некои од експертите, финансиските проблеми во Унијата не се новина, а новиот момент дополнително ќе ја зголеми тензијата по недобивањето на датумот за почеток на преговори на Македонија со ЕУ.

Според поранешниот дипломат Ристо Никовски, антипроширувачкото расположение во Франција и во Германија не може да се игнорира.
– Финансиските проблеми на Унијата во никој случај не се и нема да бидат проблем за проширувањето. Во прашање е антипроширувачко расположение во Франција и во Германија пред сѐ, а и во неколку други земји, кои тамошните власти не може да ги игнорираат. Тоа е основната причина зошто Макрон отворено кажа дека проширување можеби нема да има, иако реформите во Унијата за кои тој нагласено се залага се исто така голема пречка за проширување. Да не забораваме дека тој најави дека Франција ќе има нова политика кон Балканот, која подразбира многу поголем ангажман и тоа одлично се вклопува во најавите дека ќе нѐ држат надвор. Дури и да добиеме датум за преговори, Софија веќе најави дека тоа не значи членство и официјализира дека имаат 71 барање за неприфатливи отстапки за Македонија. Во изјавите на Макрон интересен е фактот и што спомна некаква опасност од Албанците во случај на одвојување од Македонија. Тоа е нов момент во европските политики кон нашиот регион – вели Никовски.

Инаку, според најавите што се актуелни во овој момент, ЕК би сакала дваесет и седумте земји-членки да прифатат зголемување на нивните придонеси во заедничката каса. Засега секоја земја издвојува 1 отсто од својот бруто-национален приход. Комисијата токму во таа насока предлага тој процент да изнесува 1,11 отсто, за што францускиот претседател Макрон деновиве отворено дебатираше како да се пренаменат и прецизно да се наменат новите средства од европскиот буџет. 


Страв од криминал или израз на ксенофобија и расизам

Аргументот на францускиот претседател Емануел Макрон на последниот самит на ЕУ, на кој не ѝ се додели датум за почеток на преговори на Македонија а во исто време на Албанија ѝ се посочи дека и таа не може да започне преговори бидејќи многу Албанци бараат азил во Франција, предизвика остри критики низ светот, а во некои од нив беше означен дури и како ксенофоб. Ова го објавија повеќето светски новински агенции. Во своја анализа на оваа тема околу затскриените пораки на францускиот претседател Емануел Макрон, во кои тој го елаборираше француското „не“ за пристапувањето на Албанија и на Македонија во ЕУ, според германскиот „Дојче веле“, лесно ќе се пронајдат многу ксенофобија и прикриен расизам во говорот на францускиот претседател.

Како што наведува медиумот, аргументите на Франција се слаби. Емануел Макрон мора да го преобмисли неговото вето, освен ако и самиот не сака да се покаже како популист. Наредната шанса е на самитот на ЕУ во декември, пишува „Дојче веле“. Професорот Атанас Козарев, коментирајќи ги последните изјави на Макрон во кои тој не одобри брзо проширување на ЕУ, пред таа да се реформира, ги отфрли овие критики за ксенофобија во ЕУ, кои се актуализираат деновиве. Според него, не станува збор за ксенофобија во Унијата, туку за претпазливост и одбрана од криминалот и корупцијата, кои можат да влезат преку новото проширување на Унијата. Професорот упатува дека прашањето повеќе треба да се насочи кон слабата економска состојба на Албанија отколку кон луѓето што заминуваат да живеат во Франција и во ЕУ.

– Овде не станува збор за никаков ксенофопски, расистички или националистички реторики на францускиот претседател Макрон на последниот самит на ЕУ. Спротивно, одговорот на овие прозивки треба да се согледа во слабите економски резултати на земјите-аспиранти како Албанија и Македонија. ЕУ неодамна несомнено извлече поука од грешките што ги направи при пристапните преговори со Бугарија, Романија и со Турција и затоа денес оваа постапката е поопсежна и построга. Аргументот за Албанците секако дека не е издржан, но во исто време треба да се земе предвид дека пристапниот процес, кој сигурно би можел да трае десет години и повеќе, би можел да биде искористен за таа земја, но и Македонија економски да се зајакнат и да се приближат до стандардите на ЕУ. Во исто време, уште утре Албанија и Македонија да ги започнат преговорите со ЕУ не би важела слободата на движење на работната сила, туку ќе биде токму спротивното, поголеми контроли и скрининзи на земјите за достигнување на нивото и стандардите на ЕУ овде – вели Козарев. Слично размислува и поранешниот дипломат Ристо Никовски.

– Спомнувањето на (опасноста) од Албанците од страна на Макрон не е никаква ксенофобија. Тука се мисли пред сѐ на албанската мафија, која веќе доминира во Европа и генерира огромни пари и проблеми – објаснува Никовски.