Американскиот Стејт департмент ја поздрави одлуката на Советот на ЕУ да предложи план за отворање пристапни преговори со Македонија и Албанија во јуни 2019 година и уште еднаш ја потврдува важноста на постигнатиот Договор со Грција.

Во соопштението за МИА од Стејт департментот се наведува дека планот на ЕУ зависи од натамошниот прогрес во одредени области.

– Одлуката на Советот ги нагласува силните напори што двете земји ги направија во имплементација на реформите за усогласување на нивните закони со стандардите на ЕУ- истакнуваат од Стејт департментот.

Понатаму се укажува дека како пријател и партнер на Македонија, САД и помага на македонската Влада за успех во евро-атлантските интеграции на земјата.

– Ова вклучува владеење на правото, подобрување на одговорното владеење, како и реформи во судството, разузнавачките служби и јавната администрација. Ова се важни прашања кои мора да се решат независно од процесот на пристапување во ЕУ- посочуваат од американскиот Стејт департмент.

САД, исто така, го поздравуваат „историскиот договор за решавање на прашањето за името“. Се нагласува дека овој договор ја зајакнува регионалната безбедност, просперитетот и заедничката европска иднина на двете земји.

– Премиерите Заев и Ципрас демонстрираа визија, храброст и непоколоебливост во стремежот за заеднички прифатливо решение- изјавија за МИА од Стејт департментот.