САД се разочарани што прашањето за отворање на првите меѓувладини конференции за Северна Македонија и Албанија не беше решено, наспроти силното застапување и разумните решенија на европските партнери. Ова го истакна заменик-помошникот државен секретар на САД за европски прашања Метју Палмер во Охрид, на денешниот панел „На патот до подобро поврзан и интегриран регион – Кој е ризикот? Како да стигнеме таму?”, во рамки на првата Меѓународна конференција на Преспа форумот за дијалог.

Палмер истакна и дека долгогодишна визија на САД во регионот била и ќе остане фокусирана на регион во мир со себе и со соседите, којшто е стабилен, проспетитетен и интегриран во евроатлатнската рамка. Тој посочи и дека лидерите во регионот мора да ја преземат цврстата способност за нивната европска иднина.

Меѓународната конференција „Западен Балкан: делот што недостига за Европа да биде целосна” се одржува денеска и утре во Охрид и Отешево со учество на околу 300 учесници, високи домашни претставници, но и високи претставници на Европа и САД, меѓу кои премиери, претседатели, министри, генерални секретари на меѓународни организации, европратеници, претставници на граѓанскиот сектор. За настанот се акредитирани над 100 домашни и странски новинари.

Учесниците на Конференцијата ќе се осврнат и на трансатлантските врски, кои ќе бидат тема на дискусија и обработка на панелот на високо ниво на вториот ден од Конференцијата, каде ќе се разговара за враќањето на синергијата меѓу ЕУ и САД во однос на Западниот Балкан.