САД поддржуваат отворање преговори за членство во ЕУ со Македонија и со Албанија, без одложување, соопшти портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс.

– Поддржуваме отворање преговори за членство во ЕУ со Македонија и Албанија без одложување. Се ангажираме на највисоки нивоа во Владата, за да ја демонстрираме нашата посветеност кон европскиот пат на земјите аспиранти – напиша Прајс на Твитер.

Американскиот претседател, Џо Бајден, следната недела ќе се состане со првите луѓе на ЕУ во Брисел, а според најавите на дел од регионалните медиуми, на средбата ќе стане збор и за проширувањето на Унијата и почетокот на пристапните преговори за Македонија и Албанија.