Ние сме многу разочарани што Бугарија одлучи да го блокира почетокот на преговорите, но како позитивен знак го гледаме тоа што Северна Македонија и Бугарија продолжуваат да расправаат за билатералните прашања да се стават надвор од процесот, кажа американската амбасадорка во земјава, Кејт Брнз, во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5, додавајќи дека САД и понатаму ќе се борат и ќе даваат поддршка за Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ.

Американската амбасадорка истакна и дека Преспанскиот договор бил тежок компромис, но и дека неговите ефекти се евидентни преку соработката помеѓу Македонија и Грција на сите полиња.

– Тоа беше тежок компромис. Знам дека тешко е да се прифати тука и не сакам тоа на ниеден начин да се омаловажи, но ние сметаме дека е важно да се фокусираме на резултатот што се постигна со Договорот. Пред се, разрешувањето на спорот со името и ги отвори вратите на Северна Македонија за влез во НАТО и сега се трасира патот за идните преговори за влез во ЕУ – изјави Брнз во емисијата „Само интервју“.