Денес пред Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги се одржа протест од страна на ВМРО-ДПМНЕ, при што нивните претставници доставија писмено барање до РКЕ.

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги го архивираше барањето по стандардна процедура како и за сите правни и физички лица. Поради состојбата со пандемијата и заштита на здравјето на граѓаните и вработените, РКЕ уште од март 2020 година воведе протокол за работа во кој, помеѓу другото, дописите се доставуваат во изолирана кутија на влезот од РКЕ. Во однос на доставеното барање беше постапено по воспоставениот протокол. Здравјето на граѓаните и безбедноста на вработените во време на пандемија е клучен предуслов за функционирање на институцијата и затоа третманот на денешното барање од ВМРО ДПМНЕ е ист како и за сите правни и физички лица кои се обраќаат до РКЕ.

Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги ја известува јавноста дека и покрај притисоците од политичките протести, продолжува да работи посветено со полн капацитет водејќи се од начелата на транспарентност и отчетност и ќе опстои во својата независност потврдена од Европската Енергетска заедница.

Ја ставаме на увид на јавноста анализата и ги реафирмираме наодите добиени од Европската Енергетска Заедница со кои РКЕ добива позитивно мислење за да се стекне со статус набљудувач во Aгенцијата за соработка на енергетските регулатори (ACER – Agency for the Cooperation of Energy Regulators) затоа што ги има исполнето обврските и условите од Третиот енергетски пакет.
Во анализата доставена од Европската Енергетска Заедница до АСЕR се нотира:

– РКЕ ја докажа способноста и посветеноста кон развивањето на регулаторни правила со висок квалитет и покрај притисоците од заинтересираните страни, покажа целосна автономија во процесите и го искористи својот независен статус даден согласно законот. Регулаторот покажа подготвеност и способност да се спротивстави на потенцијалните влијанија врз независноста што му е гарантирана според законот и да ја одбрани својата автономија. РКЕ покажа највисока експертиза, стандарди и посветеност за навремено развивање на регулаторните правила како што се бара според Законот за енергетика и воспостави напреден пазарен модел со висок степен на пазарна ориентација. Според тоа, подготовката на регулаторните акти во секторот на електричната енергија може да се смета за завршена – стои во анализата на Европската Енергетска Заедница.