ВМРО-ДПМНЕ како партија која целиот свој легитимитет и сила ја црпи од народот во наредните четири години целосно ќе се посвети на обнова на Македонија, која ќе донесе подобар живот за секого. Враќањето на достоинството на земјоделците е eден од нашите основни приоритети и за таа цел предвидуваме над 640 милиони евра субвенции за земјоделците и гарантиран откуп на земјоделското производство, рече на денешната прес-конференција во Прилеп Петар Ристески, кандидат за пратеник од ВМРО ДПМНЕ во ИЕ 4.
Ристески посочи дека во програмата „Проект Обнова” нуди целосни решенија за издигнување на македонското земјоделство и вложување во промоција на земјоделските производи од Македонија.

– Над 10.000 семејства од Прилеп и прилепско кои се занимаваат со производство на тутун ќе можат конечно спокојно да спијат. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи откуп на увезен тутун без целосен откуп на целото домашно производство и без реално вреднување на класите. Сточарите ќе добијат за 50% зголемување на сувенциите по грло, односно наместо сегашните 1000 денари, ќе добиваат по 1500 денари. Идната Влада ќе вложува по 60 милиони евра секоја година во поддршката и развојот на руралниот развој. Ќе се подобрат капацитетите на Агенцијата за поддршка на развојот во земјоделството, со цел полесно изготвување на проектни документации и полесен пристап на земјоделците до ИПАРД фондовите на Европската Унија. Ќе обезбедиме неповратни средства од над 50% за модернизација и набавка на механизација и опрема за примарно производство, а ќе следува и сериозна поддршка за селата со цел да се спречи нивното понатамошно раселување. Земјоделци ќе добиваат до 50.000 евра неповратни средства за започнување на земјоделски бизнис, каде особено ќе има поддршка за жени земјоделци и поддршка на млади брачни парови кои ќе се вратат во руралните средини и ќе започнат свој бизнис – рече Ристески, потенцирајќи дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе издвојува и до 250 милиони денари за заштита на земјоделското производство од временски непогоди.
Ка.М.