Историскиот Преспански договор го отвори патот Северна Македонија да стане 30-та членка на Алијансата и да ја забрза нејзината европска интеграција. Земјата сега е на вистинското место во Европа и во НАТО. Ова го изјави поранешниот амбасадор на САД во земјава и иден американски помошник-државен секретар за европски и евроазиски прашања, Филип Рикер, вчера во обраќањето на темата „Економскиот развој и регионалните односи во Југоисточна Европа“ во рамките на проектот „Балкан 360“, во организација на Германскиот Маршалов фонд.

Рикер, кој во моментот ја извршува функцијата политички советник на командантот на Европската воена команда на воените сили на САД, се осврна на клучните предизвици на западнобалканските држави и на американската поддршка во напорите на овие земји да станат дел од Европа. Рикер оцени дека 27-годишната заемна недоверба и историските несогласувања меѓу Скопје и Атина ѝ го блокираа патот на земјата напред.

– Од моето лично искуство можам да ви кажам дека ова прашање беше исклучително комплексно и многумина го сметаа за неподносливо. Да се дојде до оваа точка не беше лесно. Лидерите повеќепати сакаа да се откажат од процесот. Успехот на Преспанскиот договор е доказ дека со посветена работа и компромис може да се постигне решение и за тоа е клучно лидерството – рече Рикер.

Тој посочи дека САД ќе продолжат да даваат поддршка за аспирациите на сите земји од Западен Балкан за да обезбедат тие членство во ЕУ и, како што кажа, тоа не е поради „добрината на нашите срца, туку поради стратегискиот интерес на САД да има мир, просперитет и стабилност во Европа“.

Тој вчера требаше да се сретне со премиерот Зоран Заев, шефот на дипломатијата Никола Димитров, лидерот на ДУИ Али Ахмети, како и со вицепремиерите Кочо Анѓушев и Бујар Османи. П.Р.