Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пожртвуваноста на секој здравствен работник е огромна во овие околности, кога секој од нив се заложува максимално исполнувајќи ги своите професионални задолженија. „Ре-медика“ како здравствен систем е изградена со големо внимание и почит кон здравствените потреби и ставена е во функција за сите пациенти, вели проф. д-р Андреја Арсовски, медицинскиот директор на првата приватна општа болница

ВРАБОТЕНИТЕ УШТЕ ЕДНАШ ЈА ПОТВРДИЈА НИВНАТА ХУМАНА МИСИЈА 

Првата приватна општа болница „Ре-медика“ вчера, на Светскиот ден на здравјето, го одбележа својот 16. роденден. Како и секоја година, така и годинава беше одржана традиционалната крводарителска акција, во која крв даруваа вработените во болницата. Тие уште еднаш ги потврдија нивната хумана мисија и професионалност.
Проф. д-р Андреја Арсовски, медицинскиот директор на болницата и торакален хирург, кажа дека му е чест да го честита Светскиот ден на здравјето, 7 Април.
– Им честитам на сите здравствени работници и на сите пациенти. Пораката е да го чуваме и штитиме здравјето на секој од нас. Пожртвуваноста на секој здравствен работник е огромна во овие околности, кога секој од нив се заложува максимално исполнувајќи ги своите професионални задолженија.

ПЗУ „Ре-медика“ како здравствен систем е изградена со големо внимание и почит кон здравствените потреби и ставена е во функција за сите пациенти. Токму тоа ја чини „Ре-медика“ болница-пријател на своите пациенти. Вработените се грижлив и посветен чувар на здравјето – вели проф. д-р Арсовски.
Вработените во ПЗУ „Ре-медика“ и оваа година ги покажаа својата хуманост и несебичност на дело, дарувајќи крв кога таа најмногу е потребна. Крводарителската акција по повод 16. роденден на болницата „Ре-медика“ и Светскиот ден на здравјето се одржува традиционално со години, во соработка со Црвениот крст на Општина Гази Баба и Институтот за трансфузиска медицина на Град Скопје и Црвениот крст на Град Скопје.