Фото: Дарко Андоновски

Динамиката на политичките случувања во последниве неколку години, придонесува за впечатокот дека македонското општество е постојано во предизборна тензија. Независно од барањето на опозицијата за распуштање на Собранието и распишување предвремени избори и конечниот став на владејачкиот СДСМ да нема предвремени парламентарни избори заедно со претседателските во април, индикативно е што во целата атмосфера на создавање предизборно расположение, во јавноста речиси и да не се презентираат анкети за рејтинзите на партиите и на актуелните политички личности. Предизборието веќе е на врата, а она што стигнува во јавноста за одредени параметри на доверба е главно на ниво на шпекулации, без релевантни истражувања.

Всушност, неодамна се појави само едно истражување на јавното мислење во контекст на претстојните претседателски избори, по нарачка на телевизијата Телма во соработка со агенцијата „М-проспект“. Но оние што професионално се занимаваат со истражување и анализа на јавното мислење, се сеќаваат дека, на пример, пред (парламентарните) избори во 2011 година имало барем девет анкети во ист период.
– Анкети за рејтинзите има, но нарачателите сѐ уште ги кријат од јавноста. Агенциите што се занимаваат со тоа постојано работат, но нарачателите, главно партиите, сѐ уште не ги објавуваат резултатите. Веројатно, проценуваат дека резултатите од анкетите би влијаеле врз одлуката за внатрешните партиски избори на кандидатите, односно би поттикнале внатрепартиска борба. Сепак, очекувам набрзо да се појават и некои официјални процени на расположението на јавното мислење – вели политикологот Петар Арсовски.

Иако политичкиот амбиент во земјава е постојано под висок напон, а и сосема е извесно дека јавноста е особено информирана и заинтересирана за сите политички процеси, сепак се чини дека дисперзираниот фокус од сите случувања, не остава јасни позиции од кои би тргнало испитувањето на јавното мислење.
Политичките аналитичари велат дека во една конфузна ситуација, без јасно да се знае со кои кандидати ќе истрчаат партиите, беспредметно е да се мерат рејтинзите.

– Се работи на анкетите за рејтинзите и веќе очекувам денес-утре да се појават во јавноста. Во ситуација кога немаше јасни кандидати за претседателските избори и нејаснотиите што постоеја околу предвремените парламентарни избори, беспредметно е да се објавува мерење на јавното мислење. Но рејтинзите постојано се работат, секако поради намерата да се испочитува методологијата за правење споредби и анализи. Според нашите процени, досега немаше некои битни промени од нашата последна анкета (МЦМС во соработка со „М-проспект“ и Телма), што ја работевме во ноември. Тогаш, поради нејасната ситуација околу изборите, имавме забелешки од некои личности зошто воопшто биле предмет на истражување, а од други – зошто не биле споменати. Но деновиве, секако, треба да се појават резултати од повеќе истражувањата на јавното мислење – вели Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС.

Постоењето појасна предизборна слика се истакнува како основен предуслов за преземање некаква акција во однос на мерењето на јавното мислење.

– Како Институт за политички истражувања – Скопје, ние самите си ги плаќаме тие анкетни истражувања на јавното мислење за одредено политичко прашање, или за кандидатите на некои избори. Кога е нејасен политичкиот пејзаж, какво било истражување на јавното мислење би било залудно. Што се однесува до претседателските избори, потребно е да имаме некои конкретни имиња, кои, еве, веќе почнаа да циркулираат во јавноста по завршувањето на огласот на ВМРО-ДПМНЕ, но сега се очекуваат и оние на власта. Рејтингот на партиите, во принцип може секогаш да се мери, но кога се очекуваат некои изборни процеси и тогаш се проценува погоден момент за истражување на јавното мислење – вели Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања – Скопје.