Понудата за помирување што ја даде премиерот Зоран Заев од собраниската говорница, пред гласањето за пристапување кон уставните измени на 19 октомври, се чини дека доби и некаков правен облик во форма на нацрт-закон за амнестија, подготвен од работната група за помирување како составен дел од собраниското тело за помирување, интеграција и реформи. Дека нацрт-законот за амнестија е подготвен (по неколкукратно одложување) пред два дена информира пратеникот Зекир Рамчиловиќ од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, кој всушност ја предводи работната група за помирување. Рамчиловиќ истакна дека нејзините членови постигнале консензус по ова прашање, а нацрт-законот е доставен до интерпарламентарната група, која треба да го разгледа предлог-законското решение за амнестија, што ќе се носи по скратена постапка. Овој предлог-закон за амнестија се однесува на обвинетите за настаните во Собранието на 27 април минатата година. Но оваа делумна амнестија, според подготвениот предлог-закон, нема да важи за тие што го организирале упадот во Собранието, за оние што извршиле насилство и за обвинетите за командна одговорност. Според предлог-законот, лицата што ќе бидат амнестирани имаат можност да се откажат од амнестијата и да побараат пред надлежен суд да ја докажуваат својата невиност.

– Секое лице опфатено со процесот ќе треба да поднесе барање за амнестија од понатамошната постапка. На овој начин сметаме дека процесот што треба да даде одговор за сето она што се случи на 27 април ќе продолжи и од таа страна ќе имаме правна завршница. Правдата ќе си го најде местото, но, секако, и дел од лицата што беа вклучени во настаните од 27 април ќе добијат амнестија и на тој начин е направен првиот чекор кон релаксација на односите во општеството, односно на одредени поделби што излегоа по овој настан – посочи Рамчиловиќ.

Покрај тоа, Рамчиловиќ укажа дека е најдена правна формулација со која нема да се загрози понатамошната судска постапка за организираниот напад на Собранието на 27 април, која се одвива паралелно, додека се подготвува амнестијата. Според законските решенија понудени во предлог-законот, петте пратеници што се меѓу 33-та обвинети за настаните на 27 април, односно „за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, ќе имаат право да побараат помилување. Но најмалку 17 лица нема да бидат опфатени со овој закон, меѓу кои се бившиот директор на БЈБ, Митко Чавков, и Владимир Атанасовски, поранешен шеф на УБК, кого дел од сведоците на рочиштата за „крвавиот четврток“ го посочија како организатор на упадот. Всушност, Чавков, Радулов, Марковски и Леви не се обвинети ниту како организатори, ниту како насилници, па затоа велат од Собранието, тие ќе бидат подведени под кривичното дело „здружување заради непријателска дејност“ и нема да може да поднесат барање за амнестија. Како осомничен под истото обвинение, здружување заради непријателска дејност, во врска со 27 април, на 5 декември беше притворен и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Предлог-законот за амнестија најверојатно веќе в понеделник ќе биде ставен на дневен ред за гласање во Собранието. Од кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, велат дека за понеделник има закажано пленарна седница и ако дотогаш предложениот текст на законот за амнестија влезе во собраниска процедура, дополнително ќе биде ставен на дневен ред на седницата. За да се прифати законот, ќе биде потребно обично мнозинство, од 61 пратенички глас. Сепак, и покрај сета политичка прагматичност како мотив за оваа делумна амнестија, односно за обезбедување двотретинско парламентарно мнозинство при конечното изгласување на уставните измени, во јавноста не стивнува чувството дека со неа се создаваат аномалии во спроведувањето на правдата и функционирањето на правниот систем.

– Јас лично сум многу против амнестии. Мислам дека на тој начин се подрива правниот поредок и се атакува врз правната сигурност, а најмногу од сѐ, се оштетуваат жртвите на одредени прекршувања на законите. Бев и против генералната амнестија што беше дадена за сите осуденици пред неколку месеци. Мојот став беше дека треба да се повторат судењата секаде каде што постои и најмало сомнение за диригирани пресуди, за партиско влијание или за корумпирани судии… И сега сум против оваа нова амнестија што е на повидок, а која ја нарекоа помирување и долго време тврдеа дека воопшто не станува збор за амнестија. Како и секоја друга амнестија, и оваа најновава, од една страна, става црта на одредени случувања што ја потресле заедницата, меѓутоа, од друга страна, не нуди правна разврска и остава горчлив вкус во устата дека одреден вид прекршувања на законите се казниви, а кај други може да се избегне казната заради политички причини – пишува во својата колумна професорката Мирјана Најчевска.

Пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, изјави дека нивниот став за предлог-законот за амнестија е принципиелен, односно дека треба да има целосна амнестија за настаните од 27 април минатата година во Собранието.