Фото: Дарко Андоновски

Откако сѐ поизвесно се наѕираат нови предвремени парламентари избори во земјава како единствено решение доколку не успеат напорите за собирање гласови за двотретинско мнозинство во македонскиот парламент, за усвојување на уставните измени во согласност со договорот од Преспа, во јавноста се наметнува клучната тема кој би бил политичкиот наратив на овие избори. Дали на евентуалните нови избори ќе се користат секојдневните теми што произлегуваат од проблемите на граѓаните, или овој изборен циклус ќе мине главно во светлото на евроатлантските интеграции на земјава, потсетувајќи на атмосферата од последниот референдум. Ваквата констелација на работите произлегува од кампањата водена за неодамнешното референдумско изјаснување на граѓаните, во која кај дел од партиите на митинзите преовладуваа темите за евроатлантските интеграции на земјава, но не и суштината на референдумското прашање што ги засегаше граѓаните, а се однесуваше на промената на уставното име.

Познавачите на политичките околности во земјава сметаат дека е јасно дека Владата на премиерот Зоран Заев во кампањата на евентуалните вонредни избори ќе се задржи повеќе на темите за евроатлантските интеграции на земјава, но во ист момент велат дека нивните опоненти ќе мешаат теми за законот за јазиците, договорот со Бугарија, економијата и сѐ што владата на СДСМ од позиција донесе и ќе стави на маса сѐ што ќе може да се употреби против нив. Исто така тие се согласни дека во нивните очекувања, покрај политичките теми, на изборното мени годинава, доколку има вонредни избори, ќе се најдат и големите национални и етнички прашања за мотивирање на гласачкото тело.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека, доколку се случат, новите предвремени парламентарни избори ќе бидат изнудена варијанта од референдумот заради спроведување на договорот со Грција и наше брзо членство во ЕУ и во НАТО.
Според него, партиите ќе подзаборават на своите идеологии, а доминантна тематика ќе бидат нашата интеграција во НАТО-сојузот и Европската Унија.

– Новите избори ќе бидат вториот референдум за Македонија. Односно главна тема на изборите, според мене, ќе биде нашето членство во НАТО и во ЕУ и ништо повеќе од тоа. Со нив само ќе се потврди она што народот го искажа на последниот референдум јасно и недвосмислено, а тоа е дека Македонија треба да биде членка на Алијансата и на Унијата – вели Арсовски. Од друга страна, поранешниот амбасадор Ристо Никовски објаснува дека новите избори се најлошото нешто што може да ни се случи, бидејќи тие, според него, нема да дадат никаков резултат што ќе овозможи да се потврди нашата капитулација, меѓутоа во исто време новите избори, според Никовски, ќе дадат позитивен развој во моментот, бидејќи ќе овозможат да пропадне капитулантскиот договор со Грција.

– Политичката криза во земјата веќе е во полна брзина и ќе има тешки последици на секој план, вклучувајќи ги реформите, економскиот развој, социјалните прашања… Суштината е во проблемот што, за да се организираат избори, кои мора да бидат во согласност со пржинскиот договор, ќе земат долго време и многу веројатно во Грција веќе нема да има маневарски простор за ратификација на договорот. Сѐ заедно, се вртиме во маѓепсан круг, кој ни носи неизмерливи штети поради неодговорното однесување на сегашната власт – оценува Никовски.