Според 14-то поглавје од Законот за локална самоуправа, односно членот 89, во општините во Македонија, службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Но понатаму, со членот 90 се одредува кои се службени јазици во општините, па во ставот 1 е наведено: „Во општините службен јазик покрај македонскиот и неговото кирилско писмо е и јазикот и писмото, кои го користат најмалку 20 отсто од жителите на општината“. И потоа, во вториот став од истиот член се вели: „За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20 отсто од жителите на општината одлучува советот на општината“.
Случувањата околу .. Законот за употреба на јазиците повторно го актуализираа прашањето за досегашната примена на двојазичноста, односно на повеќејазичноста на локално ниво. Во согласност со Уставот и Законот за локална самоуправа (ЗЛС), донесен на 29 јануари 2002 година, во работата на општините и нивните акти може да се употребуваат македонскиот јазик и јазикот на заедниците што се застапени со 20 отсто од населението на општината, одредено во споменатите членови 89 и 90 од ЗЛС. Законот за локална самоуправа е првиот изгласан закон по уставните промени од 2001 година, односно по донесувањето на Охридскиот рамковен договор.

Оттогаш, во 30 општини во Македонија во употреба е и друг јазик покрај македонскиот, кој го говорат 20 отсто од населението во општината. Меѓу тие триесет општини – 26 се двојазични, најчесто со албанскиот како втор службен јазик, но и има и комбинации со турскиот, српскиот, ромскиот, влашкиот и бошњачкиот.

Освен тоа, четири општини исполнуваат услови за тријазичност, според процентуалната застапеност на населението на заедниците што говорат друг јазик освен македонскиот. Тоа се општините: Врапчиште (македонски, албански и турски јазик), а исто и во Гостивар, додека во Крушево би требало да се користат македонскиот, влашкиот и албанскиот јазик, а во Чучер-Сандево – македонски, српски и албански јазик. Во меѓувреме, со одлуки на советите на општините, во Куманово, покрај македонскиот и албанскиот јазик, како службени јазици на локално ниво се прифатени и српскиот и ромскиот, а во Струга – турскиот јазик.

Албанскиот јазик е втор службен јазик во 25 општини и во градот Скопје. Турскиот јазик е втор службен јазик во 4 општини: Врапчиште, Гостивар, Маврово-Ростуша и Пласница, српскиот јазик во две општини – Старо Нагоричане и Чучер-Сандево. Ромскиот јазик, покрај македонскиот е службен во општината Шуто Оризари, а со одлука на советот на општината и во Куманово. Влашкиот е втор службен јазик на локално ниво во Крушево.

Локалната самоуправа на Македонија ја сочинуваат 80 општини и градот Скопје. Оваа бројна состојба е од 2013 година, кога поранешните четири општини – Вранештица, Другово, Зајас и Осломеј влегоа во составот на општината Кичево.

– Од друга страна, советите на општините можат со одлука да прифатат како службен јазик и јазик што го говорат заедниците што се застапени со помалку од 20 отсто во локалното население. Така, неодамна, советот на општината Чаир го прифати и турскиот јазик како службен јазик во локалната самоуправа, а во општината Долнени, покрај македонскиот и албанскиот јазик, може да се користи и бошњачкиот – ја опишуваат досегашната состојба на теренот од Инспекторатот за локална самоуправа.

Во секој случај, анализите и на специјализираните тела на ЕУ констатирале и досега дека малцинските права, вклучувајќи ги и јазиците на етничките заедници во Македонија имаат исклучително високо ниво на хармонизираност со легислативата на ЕУ, дури во некои случаи и повеќе од тоа. Република Македонија како мултиетничко општество има долга традиција на соживот на етникумите со македонскиот народ на овие простори, вклучувајќи ја и употребата на мајчините јазици на сите етнички ентитети. Тоа е всушност вистинската реалност и традиција на соживот и факт дека кај нас никогаш не бил фаворизиран ниеден јазик, ниту пак дискредитиран друг. Жалосно би било таа традиција, која е функционална, сега да биде променета.