Фото: Игор Бансколиев

Интензитетот на активностите, но и на емоциите поврзани со спроведувањето на уставните измени, беше причина во последниве месеци да се создаде доминантен впечаток во јавноста дека во Собранието не се работи на ништо друго, освен на имплементација на договорот со Грција. Сепак, од Институтот за демократија, каде што редовно и професионално се следи и оценува работата на Собранието, е констатирана поинаква и посеопфатна слика во нивната анализа за македонскиот парламент во 2018 година

Последните денови од годината, вообичаено ја наметнуваат потребата за правење одредени „завршни сметки“ за (не)постигнатите резултати во работата, дури и кога тоа не е законска обврска. Во деновиве кога се чини дека Собранието работи со полна пареа, дека се пополнети сите термини за активности и обраќања, се наметнува и прашањето дали, во годинава на изминување, во македонскиот парламент се работеше и на нешто друго, освен на усвојувањето на уставните измени за менување на уставното име на државата, односно на спроведувањето на спогодбата од Мала Преспа. Спогодбата со Грција, која беше потпишана на 17 јуни, во селото Нивици, во грчката Мала Преспа, повеќе од шест месеци е главната задача во Собранието, прво со организација на референдумот по тоа прашање, а по неуспешниот референдум сите сили во парламентот се насочија во „исправање на грешката“.

Во таа насока и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, порача дека ако Македонија продолжи со ова темпо, ако се реализира спогодбата од Преспа и ако има имплементација на клучните реформски приоритети, може да надомести дел од изгубеното време во интеграцискиот процес и со право да се надева на почеток на преговорите во јуни 2019 година. Но Туск не пропушти да нагласи дека спроведувањето на реформите во правосудството, безбедносните служби и справувањето со корупцијата се од еднаква важност како и спогодбата од Мала Преспа за добивање неусловен датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

– За жал, најголемиот фокус во работата на Собранието во оваа 2018 година беше насочен токму кон спроведувањето на одредбите од спогодбата од Мала Преспа. Расправите за реформските закони или беа почнати па ставени на чекање, или воопшто не беа почнати. Единствено се заокружи легислативата за следење на комуникациите и се формира Оперативно-техничката агенција (ОТА). Сѐ друго е на чекање. Се чекаат реформите на законите за спречување на корупцијата поради што и антикорупциската комисија е надвор од функција, а се „заглавени“ и реформите на правосудството и на безбедносните служби – констатира Александар Кржаловски, првиот извршен директор на МЦМС.

Интензитетот на активностите, но и на емоциите поврзани со спроведувањето на уставните измени, беше причина во последниве месеци да се создаде доминантен впечаток во јавноста дека во Собранието не се работи на ништо друго, освен на имплементација на договорот со Грција. Сепак, од Институтот за демократија, каде што редовно и професионално се следи и оценува работата на Собранието, е констатирана поинаква и посеопфатна слика во нивната анализа за македонскиот парламент во 2018 година.

– Нормално е дека доминантната перцепција на јавноста е дека Собранието годинава работело само на спроведување на спогодбата од Мала Преспа, со оглед на интензивната преокупираност со таа тема во последниве месеци. Сепак, ние го анализираме квалитетот на дебатата во Собранието во текот на целата година и покрај тоа што констатиравме дека е намален напаѓачкиот пристап во обраќањето на пратениците, сепак се дискутираше и на други теми во текот на годината. Покрај договорот со Грција, тема на собраниските дебати беше и договорот со Бугарија, Законот за пушење, Законот за употреба на јазиците, а за поздравување е што беше вратен и институтот „пратенички прашања“, кој беше запоставен во претходните години, и се покажа како целисходен. Единствената надзорна расправа е онаа што беше направена за извештајот за охридскиот регион, а особено квалитетна работа покажа и собраниска комисија за култура. Но и оваа работна година, Собранието не го искористи инструментот за надзор врз извршната власта, односно не разви расправа за извештаите што ги доставуваат владините институции, а такви се барем 13 институции.

Сепак, забележително е дека се доцни со новиот закон за спречување на корупцијата, а алармантно е и нефункционирањето на антикорупциската комисија. Постои застој во спроведувањето на реформските закони. Сѐ е во застој за сметка на уставните измени. Реформите како да се заложник на спроведувањето на уставните измени – вели Јане Димески, одговорен за комуникации во Институтот за демократија.