Мицкоски: Со договорот ќе се укинат македонската нација и држава

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оствари средба со граѓани во Пехчево, каде што говореше за актуелната политичка и економска состојба, како и за штетноста на договорот со Грција.
Мицкоски на граѓаните на Пехчево им ги посочи последиците од капитулантскиот и штетен договор што Владата на СДСМ го потпиша со соседна Грција. Мицкоски пред граѓаните на Пехчево истакна дека со договорот се губат три крупни работи, што значат укинување на македонската нација, на македонската држава под името што сега ја знаеме и создавање некој нов хибрид.
Мицкоски истакна дека договорот значи загуба на институционалниот идентитет, што, впрочем, претставува дел од националниот идентитет на Македонците.
– Најпрвин го губиме институционалниот идентитет, тоа значи дека нашата Академија на науките и уметностите повеќе нема да биде македонска, потоа нема да имаме македонска армија, а нема да имаме ниту македонска полиција, ниту македонска опера и балет и сето тоа ќе биде поврзано со новата држава, а тоа ќе биде Северна Македонија. Го губиме институционалниот идентитет, кој всушност претставува дел од нашиот национален идентитет – вели Мицкоски
Тој додава дека членот 8 од договорот ќе биде погубен за интеграцијата на Македонија во ЕУ, а Македонија ќе ја снајде судбината на интеграцијата во ЕУ на Турција, односно приказна што никогаш нема да заврши.


Заев: Важноста на референдумот е иста, како на тој пред 27 години

Важноста на референдумот е иста, како на тој пред 27 години, затоа што ако тогаш ја обезбедивме независноста на државата, сега од оваа одлука зависи дали ќе си ја осигуриме и обезбедиме иднината на нашата независна Македонија, изјави презирот Зоран Заев на трибина со граѓани во Гази Баба.
Порача дека пред нас претстои сериозна одлука и затоа е важно да се зборува за значењето на интеграциите во НАТО и во ЕУ, но и за деталите за договорот. Да се дебатира и граѓаните да имаме став по ова прашање.
– Има сѐ уште луѓе што се излажани и изманипулирани, поради тоа што сериозни политички структури во државата немаат изградено став. Одлуката е сериозна, а шансата е неповторила и неповратна. Оваа одлука имаат право да ја носат само и единствено граѓаните на Република Македонија и никој друг – нагласи Заев.
Наша одлука, посочи Заев, е дали ќе испишеме храбри и државнички одлуки или повторно ќе се скриеме и ќе бидеме со недоволен капацитет.
– Разбирам некој да биде против и да излезе да гласа. Но да остане некој дома, а да не нуди алтернатива за државата, се прашувам која е тајната замисла на тој таков, кој апсолутно не дава опција. Затоа, секој што ќе остане дома и без каков било изговор остане дома, за мене е противник на државата и не ѝ мисли добро на државата – изјави Заев.


ДУИ: На 30 септември се одлучува за идните генерации

Демократската Унија за интеграција по Охрид, активностите во рамките на кампањата за референдумот ги продолжи во Струга, каде што се упати повик на 30 септември масовно да се излезе на референдум и да се гласа „за“ Македонија во НАТО.
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, истакна дека вредностите на Договорот од Преспа ќе се видат кога ќе се соберат неговите плодови, а тоа се мирот, стабилноста, безбедноста и иднината.
– Затоа сите треба да ја преземеме улогата на големите мисионери и идеалисти и да излеземе да пропагираме, да побараме поддршка од сите што се двоумат или имаат некаква дилема дека на 30 септември ќе се гласа за многу посигурна иднина и дека 30 септември е неповторлив. Ако некој бара алтернатива на Исток, тоа ќе биде невозможно, бидејќи ќе наиде на препреки од огромното мнозинство на граѓаните на Македонија. На 30 септември се одлучува за идните генерации – истакна Ахмети.


Турците се „за“ европска Македонија

Во рамките на кампањата за претстојниот референдум, Партијата за движење на Турците (ТХП) одржа митинг во Радовиш.
Пратеникот Енес Ибрахим во своето излагање истакна дека Турците во Македонија во сите историски моменти биле конструктивни, правејќи вистински и државотворни чекори. Ибрахим не се сомнева дека истото тоа ќе се случи и на 30 септември, затоа што единствената насока за светла иднина се токму евроинтегративните процеси. Според Ибрахим, влезот во НАТО и во ЕУ значително ќе влијае во подобрувањето на социоекономските состојби во Македонија, а граѓаните ќе ги уживаат еднаквите права и можности како и сите Европејци.